Вечерва во клубот ГЕМ во Скопје, со почеток во 19 часот, ќе се одржи презентација на најновата книга ‘When Attitudes Become the Norm: the contemporary curator and institutional art’ на словенечка историчарка и теоретичарка на уметноста Бети Жеровц, проследена со отворена дискусија, а модератор на презентацијата ќе биде уметникот Јане Чаловски.
Настанот е дел од програмата на 5. Интернационален симпозиум „Кураторски размени“, организиран од проектниот простор „Прес ту егзит“.
Станува збор за годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.
Бети Жеровц предава на Катедрата за историја на уметност на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Љубљана. Нејзини предмети на истражување се визуелната уметност и уметничкиот систем од средината на деветнаесеттиот век, како и нивната улога во општеството. Во изминатите петнаесет години нејзиното истражување се концентрира на феноменот на совремеиот куратор, на современите изложби како медиум, и променетата улога на уметничките институции.
Книгата ‘When Attitudes Become the Norm’ (издадена од Archive Books и Igor Zabel Association for Culture and Theory, 2016) на авторката Бети Жеровц е збирка на есеи и интервјуа која се осврнува на куратоските практики во современата уметност. Жеровц ги испитува кураторските практики во однос на поширокиот социјален, политички и економски контекст, како и во релација со силните промени кои се случија во полето на уметноста во минатиот век. Таа кураторот го анализира како личност која се појавува, се развива, и учествува во институционализирањето на современата уметност и констатира дека со неговата појава институционална уметност – уметноста дизајнирана со намера да одговара на просторот и потребите на институцијата – достигнува целосен израз.
Петтото издание на симпозиумот насловен „Институционалното како јавно“ покрај Бети Жеровц, оваа година ќе ги претстави и австриската кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка Елке Красни, и македонската уметничка и урбана истражувачка од Берлин, Ивана Сиџимовска, кои ќе приложат различни дискурзивни презентации и проекти преиспитувајќи до кој степен институциите, јавноста и уметничката практика коренспондираат со развојните концептоти за критичко курирање.
Улогата и се’ позабележителното влијание на кураторот во контекст на културната продукција воопшто, како и условеноста на неговото делување во и вон институционалните рамки, ќе бидат подложени на критичко размислување и анализа со секоја презентација и работна сесија. На тој начин симпозиумот ќе се обиде да адресира различни методологии и услови кои ја дефинираат кураторската практика како канал за социјални и политички критики и како практика изразена како логичен континуитет во процесот на поттикнување на културните, како и социо-политичките промени во современото општество.
Симпозиумот е куриран, организиран и реализиран од страна на историчарката на уметност Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Христина Иваноска и Јане Чаловски.
Овогодинешниот симпозиум е организиран во соработка со: Клуб ГЕМ (Скопје), MAD Kitchen (Скопје) и Modesty (Токио), а поддржано од: Министерство за култура на Република Македонија, Совет на Град Скопје и Австриска амбасада, Скопје.