Денес започнува 17-тиот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ 2017) во Охрид, Македонија. Настанот ќе се одржи од 4 до 7 октомври, 2017 година.
Симпозиумот ќе се фокусира на прашања од областа на градежното конструкторство, со посебен акцент на однесувањето на градежните конструкции при дејство на инцидентни влијанија и природни катастрофи, како: земјотреси, екстремно високи и ниски температури, пожари, ветер, експлозии, поплави, лавини, одрони, лизгање на тлото и слично.
Повикани предавања на наведените теми ќе одржат:
- Mајкл Хавбро Фабер, Оддел за градежништво, Аалборг, Данска
- Мирослав Настев, Комисија за геологија на Канада, Квебек, Канада
- Kлаудио Бори, Оддел за градежништво и животна средина, Универзитет во Фиренца, Италија
- Ху Кјанг, Машински факултет, Универзитет за природни науки и технологии, Нанјинг, Кина
- Златко Марковиќ, Универзитет во Белград, Градежен факултет, Србија
- Милош Кнежевиќ, Универзитет во Подгорица, Градежен факултет, Црна Гора
- Мирјана Малешев, Универзитет во Нови Сад, Факултет за технички науки, Србија
- Ѓорѓе Лаѓиновиќ, Универзитет во Нови Сад, Факултет за технички науки, Србија
- Елена Думова Јованоска, УКИМ, Градежен факултет, Скопје, Македонија
- Михаил Гаревски, УКИМ, ИЗИИС, Скопје, Македонија
Покрај главната тема: Природни катастрофи и конструкции, ќе бидат застапени и други теми, како: Теориски и експериментални анализи на конструкции; Современи методи за проектирање на конструкции; Еврокодови и национални анекси; Современи техники за изведба на конструкции; Современи материјали и технологии, предуслов за одржлив развој; Доверливост, робусност и трајност на конструкциите; Испитување, одржување, зајакнување и санација на конструкции; Инфраструктурни објекти, како и други теми поврзани со градежното конструкторство.
Над 100 труда од автори од 12 земји (Канада, Данска, Германија, Италија, Грција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија), ќе бидат презентирани пред повеќе од 200 учесници.
Во рамките на Симпозиумот, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, се предвидува да се одржи тркалезна маса на тема „Законот за градење и потребите од негови измени и дополнувања“. Втората тркалезна маса, на тема „Имплементација на Регулативата за градежни производи – CPR 305-2011“ ќе биде организирана во соработка со CEN-Европскиот комитет за стандардизација.