Општина Штип започна со подготвителни активности за асфалтирање на уште еден крак од улицата „Борис Крајгер“ во Штип. Тоа е сообраќајница која се смета за главна и која ги поврзува Радански пат со населбата Сењак.
– Ова е трет крак од оваа улица кој се асфалтира. Пред три години беше завршен првиот дел од спортската сала до спојот со улица „Партизанска“, лани следеше асфалтирање на вториот крак кај ООУ „Димитар Влахов“ а сега го асфалтираме третиот крак, практично горниот дел на улицата од трговскиот центар „Елкос“ па се до спортската сала Јордан Мијалков“. Инвестицијата е 2.7 милиона денари со вклучен ДДВ, во должина од околу 800 метри а оператор е „Коле транс инжинеринг“ од Штип. Оваа сообраќајница е меѓу десетте најоштетени, посебно делот пред спортската сала – кажа Драган Ристов, советник за односи со јавност.
Според Ристов, завршени се или во тек тендерски постапки за уште десетина улици, вклучително и во руралните места. Ќе се асфалтираат и улиците „Иво Лола Робар“, „Димо Хаџи-Димов“, „Мара Минанева“ и “11 конгрес“ во населба Баби, една улица во Мерите во Ново Село, горниот дел од „Вардарска“ а тече тендерска постапка и за улица „Борко Талев“ која засега е единствениот влез во центарот на Штип од „Дујле“ преку местото „Промаја“ до улицата „Ванчо Прке“. Исто така, ќе се асфалтираат и улиците во село Долани, уште неколку во село Врсаково и други.