Старите метални контејнери треба целосно да исчезнат од градските коловози и тротоари до 2017 година. Наместо нив, Градот преку Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе поставува зелени пластични контејнери за домаќински отпад со зафатнина од 1,1 кубен метар. Според планот на градските власти, во наредните години постапно во фази треба да се заменат околу 4.000 метални садови пред јавните институции и по должина на улиците и булеварите. Ваквата акција, како што сметаат, во голема мера би придонела за комуналното претпријатие да ги достигне стандардите што се применуваат во ЕУ.
„Со оваа акција што ја промовираме денеска ќе се заменат постојните метални контејнери што се поставени на градските улици со нови, пластични контејнери. ЈП ‘Комунална хигиена’ веќе набави 650 пластични контејнери за мешовит отпад (зелен контејнер со зелен капак) и 50 пластични контејнери за ПВЦ-амбалажа и лименки (зелен контејнер со жолт капак) за што потроши околу 7,5 милиони денари“, изјави вчера градоначалникот Коце Трајановски, кој кај пазарчето „Буњаковец“ присуствуваше на презентација за замена на постојните контејнери.