Голем број граѓани имаа можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат корисни совети, да се дружат на отворено и да се забавуваат во рамки на третото издание на Скопскиот цветен фестивал.
Скопскиот цветен фестивал кој што годинава се одржува под мотото „1000 цвета за Скопје“ го отворија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ.
„Скопскиот цветен фестивал е традиционална градска манифестација која го слави цвеќето, зеленилото, природата и другарувањето на отворено“, рече градоначалникот Коце Трајановски, на отворањето на фестивалот, при тоа повикувајќи ги скопјани да се вклучат во интерактивните работилници, да ја покажат својата умешност во ракувањето со цвеќето, да се советуваат, да научат нешто ново, да си купат цвеќе и да ги доукрасат своите тераси и градини со ново зеленило.
Третото издание на Скопскиот цветен фестивал ќе се одвива во текот на два фестивалски дена – денеска (14 мај, сабота) и утре (15 мај, недела) и на граѓаните ќе им понуди разновидни едукативни содржини и многу забава во природа.
На отворањето на цветниот фестивал денеска му претходеше цветно дефиле во кое учествуваа околу 450 деца од градинките и основните училишта, како и велосипедисти од неколку велосипедски здруженија. Дефилето тргна од пред фонтаната „Лотосов цвет” во Градскиот парк и се движеше низ Градскиот парк кон локацијата на фестивалот.
Покровител на овој цветен фестивал е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а организатор е ЈП „Паркови и зеленило“.
За посетителите, Скопскиот цветен фестивал ќе биде отворен денеска до 20 часот, како и утре (15 мај, недела) од 10 до 18 часот.