Насловна / Вести / Почна студентската борба за подобри услови во „Гоце“

Почна студентската борба за подобри услови во „Гоце“

goce delcev stud dom (2)

Синоќа во непосредна близина на студентскиот дом „Гоце Делчев“ беше проектиран филмот „Зелени ѕидови, црна храна“ на младата режисерка Сандра Ѓорѓиева, по што почна дискусија за мизерните услови во студентските домови.

Присутните на голем екран повторно можеа да видат што се случува во „Гоце Делчев“, каде што Ѓорѓиева живеела две години и се судрила со негрижата од општеството, а потоа и со пасивноста на студентите.

Веднаш по проекцијата со познатите студентски извици „Нема правда нема мир“, „Доста беше молк“ и „Дојди и приклучи се“, студентите се упатија кон дворот на студентскиот дом, со цел да ги разбудат нивните колеги од пасивноста прикажана на филмот, но речиси ниту еден од тамошните станари не се приклучи на групата студенти кои изразуваше револт надвор, туку немо ѕиркаа од балконите и прозорите на блоковите.

Тие испратија порака до студентите кои не излегоа дека допрва почнува борбата за подобрување на условите во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

goce delcev stud dom

На настанот организиран од Студентски пленум присуствуваше и архитектот на студентскиот дом „Гоце Делчев“, Георги Константиновски.

„Јас просто плачам кога гледам колку е упропастен партерот на Гоце Делчев, секој квадратен метар беше обмислен и специјално проектиран, сега на ништо не личи. Сакам сепак апел да дадам, тие што ќе инвестираат, посебно партерот да го обработат онака како што е со проектот… Јас мислам дека единствено што може да помогне тука е државата. Јас сум задоволен од онаа зграда што е обновена и камо среќа да се продолжи на тој принцип и другите блокови да се корегираат е тогаш студентите ќе бидат задоволни, а и Република Македонија ќе биде горда“, истакна Константиновски како еден од доајените на македонската модерна архитектура.

Во овој дом, кој е изграден во 1971 година, до денеска немало никаква инвестиција, освен моменталната реконструкција на една од зградите која тече бавно.

 

Испрати коментар

Scroll To Top