Во Општина Центар од денеска почна со работа Центарот за заедницата на оваа општина кој треба да им помогне на граѓаните активно да се вклучат во работата на оваа локална единица. Центарот е дел од проектот „Општина по мерка на граѓаните“.
Центарот е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија и во него ќе работи тим од тројца кои ќе им даваат правна помош или ќе ги советуваат граѓаните за полесно да се снајдат во административните процедури.
Центарот ќе биде составен од три столба. Првиот столб ќе се однесува на правната и административна помош, а ќе нуди консултантски услуги, вториот на неформалното образование и еден од приоритетите ќе биде вклучување на децата со посебни потреби во градинките и училиштата, а со третиот столб ќе им биде понудена помош на граѓанските иницијативи и невладини организации. Во рамки на третиот столб беше најавено дека поддршка веќе добила една иницијатива на невладината „Стоп за полициската бруталност“, а дополнително ќе биде помогнато отворањето на Центар за лекување на зависници од дроги во оваа општина.
Новоотворениот центар се наоѓа во општинската барака каде е сместена и канцеларијата на градоначалникот Андреј Жерновски.