Започнаа градежните активности во Охрид за реконструкција и уредување на коритото од каналот на река „Грашница“, јужно од булеварот „Туристичка“ покрај улицата „ Аџи Мустафа“, информира OhridNews.
На тој начин, се решава долгогодишниот проблем на жителите од овој дел на Охрид, кој е причина за чести излевања на водата и поплавувања при невреме и обилни врнежи од дожд.
– Беше изработена проектна документација, објавен беше јавен повик и беше избрана компанијата „БОКОП“ како најповолен изведувач. Градежните активности кои започнаа денес ќе се вршат по целата должина на каналот од 280 метри. Ширината на коритото на каналот ќе биде 1 метар и 50 сантиметри во долниот и 1 метар и 75 сантиметри во горниот дел.Коритото ќе биде изградено од армиран бетон, а ѕидовите ќе бидат од камен со дебелина од 30 до 40 сантиметри. Проектот исто така подразбира и уредување и реконструкција на просторот околу ова корито се со цел овој дел од Охрид да биде пристојно катче за жителите – изјави по тој повод градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.