Насловна / Вести / Почна проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“

Почна проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“

jordan mijalkov so treta lenta_2

Во наредните пет месеци ќе се одвива проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“), при што сообраќајницата ќе добие една лента повеќе која ќе биде од особено значење за поголема проточност во овој реон, најавија вчера на официјалниот почеток на градежните работи, премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Скопје, Kоце Трајановски.
Реконструкцијата ќе се врши од улицата „Герман“, па се` до улицата „Павел Шатев“, во должина од 750 метри. Проширувањето ќе се изведува по левата страна, гледано кон Kисела Вода.
„По проширувањето, оваа сообраќајница ќе добие три коловозни ленти со ширина од по 3,25 метри, средишна жардиниера со зеленило, сервисна коловозна лента со паркинг, широка шест метри и тротоар покриен со бекатон-плочки“, информира градоначалникот Трајановски.
Реконструкцијата на улицата „Јордан Мијалков“ исто така, ќе се искористи за да се постави нова атмосферска канализација, а ќе се изврши и реконструкција на постојната водоводна и фекална мрежа. На проширување ќе работат екипи на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар, а за поставување на осветлувањето ќе биде задолжена фирмата „Дигитал ДОО“ Струмица.
За градежните работи и за осветлението, градската власт, ќе вложи околу 47 милиони денари.

Испрати коментар

Scroll To Top