Во повеќе општини во државата, како и низ цела Европа, почна одбележувањето на Европската недела на мобилност ЕНМ (од 16-22 септември), која оваа година се организира на тема „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“.
Изборот на овогодишното мото се рефлектира од тешкотиите со кои се соочија Европа и Светот во екот на светската КОВИД-19 пандемија, меѓутоа истовремено се праќа апел за позитивни промени со кои Европа ќе се избори со се уште присутната здравствена криза.
Како национален координатор, Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај градовите од кои секој поодделно се носители и организатори на активностите во своите урбани средини ги поканува и сите граѓани, невладини организации, општествено одговорни компаниии и целиот цивилен сектор во Република Северна Македонија да се приклучат во одбележувањето на Европската недела на мобилност 2021.
Воедно, МЖСПП ги повикува, сите чинители на општествениот живот во текот на овие седум дена да ги споделат своите најдобри практики за урбана мобилност и да преземаат чекори и мерки кои ќе овозможат јаглеродно неутрална средина (односно јаглеродно неутрален континент) што е и долгорочната цел на Европската недела на мобилност.
И покрај сериозните потешкотии и ограничувања што ги наметна состојбата со КОВИД-19, и годинава во рамки на ЕНМ свои активности и промоции на воведните перманентни мерки за олеснување на алтернтивните видови на превоз во текот на целата недела ќе организираат градовите Скопје, Велес, Битола и Струмица, а се очекува приклучување и на други градови. Министерството за животна средина и просторно планирање ги повикува и другите градови да се пријават на https://registration.mobilityweek.eu/login.php?lang=mk и да се приклучат со свои активности, со промоција на досега реализираните проекти од областа на одржливиот транспорт и алтернативната мобилност и во одбележување на 22 Септември – Денот без автомобили, се разбира во согласност со епидемиолошката ситуација на локално ниво и со почитување на важечките здравствени протоколи.
Исто така, Град Скопје ја потпиша повелбата за учество во Европската недела на мобилност, со што градот ги почна своите бројни активности кои ќе се реализираат во текот на оваа недела, до 22 Септември – Денот без автомобили.
Минатата година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2.936 градови од 53 држави од Европа и светот.