Во Париз денеска официјално беше отворена двонеделната конференција на ОН за климатските промени на која светските лидери ќе се обидат да обезбедат долгорочен договор за намалување на емисиите на штетни гасови. Конференцијата за отворена ја прогласи перуанскиот министер за заштита на животната средина Мануел Пулгар Видал кој беше домаќин на ланскиот самит на ОН за климата што се одржа во Лима.
Пулгар изјави дека договорот на светските лидери покажа дека државите од светот може да соработуваат во борбата против климатските промени исто како и во борбата против тероризмот. На самитот СОР21 во организација на ОН најавено е учество на 147 претседатели на држави и влади што е најголем собир на највисоко ниво одржан во историјата на ОН.
Учесниците најавија дека ќе направат историски договор за да се избегне катастрофалното глобално затоплување на климата, а францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус апелираше до сите учесници во преговорите да дејствуваат итно и да бидат подготвени на компромиси.
Минатата недела, европските медиумии известија дека француските власти ангажирале речиси 11 илјади полицајци за обезбедување на конференцијата која се одржува нешто повеќе од две недели по терористичките напади на овој град.
Приближно 8 илјади полицајци ќе бидат распоредени на границите на земјата, а 2.800 ќе го обезбедуваат местото каде ќе се одржува конференцијата.