Во Штип започнаа градежните зафати за конструкција на вториот дел од платформата во реката Отиња. Изведувач на градежните зафати е штипската фирма „Бау инжинеринг“ а вредноста на проектот е 4.3 милиона денари. Рокот за конструкција е 90 дена.
Минатата година, со подршка на приватни донатори, пред се на „Комерцијална банка“ Штип, беше завршен првиот дел од платформата а оваа година, по спроведената постапка следи конструкцијата и на вториот дел. Платформата првично е изменета во споредба со оригиналниот проект, но во секој случај е важен дел од проектот за обнова на коритото на Отиња. Со конструкцијата на втората половина од платформата, ќе заврши и уредувањето на овој дел од коритото на Отиња. Останува да се најде начин за изградба на втората платформа спроти градскиот плоштад за што општината бара приватни донатори, кои истата би ја добиле на располагање доколку инвестираат во неа.
Како што е познато, во тек се активности на два дела од коритото, откако изминатите 20 месеци беа завршени три делници во должина од околу еден километар. Преостануваат уште толку, кои според динамиката веќе во декември годинава ќе означат крај на уредувањето на коритото на Отиња.