Почна изградбата на Евроазискиот тунел, на подводната патна комуникација под Босфорскиот теснец. На церемонијата дупчење на првите неколку метри подводен тунел присуствуваше и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Со изградбата на овој тунел, патувањето меѓу истанбулските населби и Казличешме и Гозтепе ќе се намали од 100 на само 15 минути возење.
„Четири вакви тунели се наоѓаат во Њујорк и овозможуваат сообраќај со лесни возила, под вода; еден има во Куала Лумпур во Малезија, а сличен тунел има и во Франција. Ние сега донесуваме најмодерен и најразвиен подводен тунел во Истанбул“, рече премиерот.
Во пробивањето на тунелот ќе биде користена специјална дупчалка TBM (Tunnel boring machine) од тип Herrenknecht Mixshield . Таа е специјално произведена од страна на германската компанија Herrenknecht, исклучиво за потребите на овој проект, на барање на турско- јужнокорејскиот конзорциум Yapı Merkezi İnşaat ve Sanayi A.Ş. i SK Engineering & Construction Co. Ltd.
Yildirim Bayeizd е машински гигант со пречник од 13,6 метри, со должина од 120 метри и тој ќе копа 8 до 10 метри тунел дневно. Ќе работи на длабочина од 106 метри под Босфор, а со нејзината работа ќе биде премостена должина од 3,5 километри, меѓу Хајдарпаша станица и областа Канкуртаран.
„Овој проект е во моментов еден од најпредизвикувачките зафати во изградбата на тунели низ целиот свет“, смета Georg Schleer , проект менаџер во компанијата Herrenknecht .
По завршувањето на работите, низ тунелот во должина од 5,4 километри, на два ката во две ленти во двата правци ќе минуваат околу 120.000 возила. Патувањето ќе им биде дозволено само на мали патнички автомобили и миниавтобуси.
Работите на проектот, чијашто вкупна вредност се проценува на повеќе од 1,245 милијарди долари, треба да бидат завршени следната година. Со тунелот во следните 26 години ќе управува конзорциум на Avrasya Tüneli İşletme İnşaat ve Yatırım A.Ş. (ATAŞ), по што ќе биде предаден во надлежност на Генералната дирекција за инфраструктурни инвестиции (AYGM ), која дејствува во рамките на Министерството за сообраќај, поморски работи и врски на Република Турција.