Поставена е првата темелна плоча на новиот објект на Турскиот театар-Скопје, кој се гради во близина на Железничката станица и до крајот на годинава треба да има завршена карабина.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја посети локацијата каде што ГП „Бетон“ денеска ја постави првата темелна плоча на зградата во која ќе биде сместен театарот, на површина од 2.600 метри квадратни.
– Досега интензивно се работеше на ископ на градежната јама, имаше мал застој зашто беа откриени подземни водина местото на објектот каде што се вршеше испумпување и целосна хидроизолација. По завршување на овој процес, се пристапи кон понатамошните градежни активности и денеска, на огромно задоволство, се поставува првата темелна плоча. Кога тоа ќе заврши, ќе се продолжи со карабината на самиот објект кој се планира до крајот на годината да биде целосно завршен, изјави Канческа-Милевска по увидот на градежните работи.
Договорот со „Бетон“ за карабината е 4,5 милиони евра. Откако ќе биде готова карабината, активностите ќе продолжат во соработка со Турција која, според договорот, ќе се вклучи во останатите фази од изградбата.
Директорот на Турски театар-Скопје Атила Клинче очекува дека наскоро ќе биде изграден нов објект во кој ќе се пресели ансамблот на Турскиот театар, кој годинава одбележува 65 години постоење.
– Јас сум најсреќниот човек денеска зашто толку години работевме на овој проект, прво со експропријација, расчистување на просторот, на имотот. Сега конкретно се гледа, првата темелна плоча веќе се гради и до крајот нагодината ќе ја завршиме карабината. Република Турција ќе учествува во изградбата на театарот. Да се надеваме дека работите ќе си течат според предвидената динамика и дека во најскоро време ќе имаме театар каде што ќе се случува најважното – претставите, истакна Клинче.
Во новиот објект ќе има современи услови за работа на оваа национална установа, која долги години сцената ја делеше со Албанскиот театар-Скопје. Поранешниот заедничкиот објект му е предаден на Албанскиот театар и се реконструира од темел.
Додека траат градежните работи за новите објекти, ансамблите на двата театра своите претстави ги изведуваат на сцената на театар „Комедија“.