Рускиот претседател Владимир Путин и потпретседателот на кинеската Влада Џанг Гаоли денеска го означија почетокот на градежните работи за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир“ со кој ќе се транспортира гас до Кина.
Првата фаза од изградбата на овој грандиозен енергетски проект треба да биде завршена до 2017 година, а се планира годишниот капацитет на гасоводот да изнесува 61 милијарда кубни метри природен гас.
– Гасоводот „Моќта на Сибир“ ќе ја зголеми енергетската безбедност и способноста на Русија да ги исполни своите извозни обврски, – изјави Путин на свеченоста во Јакутск.
Гасоводот се планира да биде најголем и најскап светски градежен проект, бидејќи во него двете земји ќе вложат повеќе од 70 милијарди американски долари.
Цевководот со должина од речиси 4.000 километри ќе биде најголема ваква гасна мрежа во светот, која директно ќе ги поврзе полињата за производство на природен гас во Сибир со Кина. Изградбата на гасоводот во целост треба да биде завршена во 2019 година.
„Гаспром секогаш е сигурен снабдувач со природен гас за сите потрошувачи, а така ќе биде и со оние што ќе се снабдуваат преку овој гасовод“, рече првиот човек на „Гаспром“ Алексеј Милер, кој е лично задолжен за надгледување на работите на изградбата.
Руската компанија претходно склучи договор за снабдување на Кина со 38 милијарди метри кубни гас годишно во следните 30 години. Вредноста на договорот е проценета на најмалку 400 милијарди долари.