Во присуство на кинескиот амбасадор во државава, премиерот Никола Груевски, министри, градоначалници и пратеници од речиси сите општини во источниот регион, кај штипската населба Три Чешми свечено беше фрлена првата лопата на камен-темелникот на новиот автопат Миладиновци – Штип.
Новиот автопат ќе биде во должина од 47 километри, со што растојанието меѓу Штип и Скопје ќе се скрати за 18 километри, a широк 27,4 метри. Предвидено е автопатот да има две коловозни ленти во двата правцa, како и една дополнителна лента за застанување. На делницата ќе бидат изградени седум клучки кои ќе имаат функција влез и излез од автопатот кон градовите и населените места. Се планира долж автопатот да има осум натпатници, пет потпатници, армиран бетонски мост со должина од 154 метри.
Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, кои државата ги обезбеди со кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.
Новата автопатска делница ќе ја гради кинеската компанија „Синохидро Корпоратион Лимитед“, со која Владата потпиша договор во декември лани. Кинеската компанија, која треба да го гради и автопатот Кичево-Охрид во должина од 56 километри, е обврзана да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49 проценти од предвидените работи и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата се обврзани да ангажираат за работа минимум 51 процент македонски државјани.