Со свеченоста организирана во селото Углар, Косово Поле, беше означен почетокот на изградбата на автопатот Приштина-граничен премин „Блаце“ на косовско-македонската граница.
На свеченоста присуствуваа претседателот на Косово Атифете Јахјага, американската амбасадорка во Приштина Трејси Јакобсон, потпретседателот на македонската влада Муса Џафери, многу граѓани и претставници на политичкиот живот на Косово. Не присусуваше косовската опозиција, за која вредноста на автопатот е голема, а проектот преполн со нерегуларности.
Почетокот на работите на овој патен правец, кој се поврзува со автопатот „Ибрахим Ругова“, од границата со Албанија го означи косовскиот премиер во заминување Хашим Тачи. Тој на свеченоста соопшти дека автопатот ќе биде именуван по почесниот претседател на Демократската партија на Албанците во Македонија, Арбен Џафери. Според Тачи, Патот 6, како што уште се нарекува оваа делница, проект од огромно значење за Косово.
– Автопатот ги поврзува народите на двете земји, на Косово и на Македонија, и многу е значаен за економскиот развој и се вбројува меѓу најзначајните приоритети кои ги презентиравме во „Новата мисија“ пред граѓаните на Република Косово, – изјави меѓу другото Тачи, алудидајќи на изборните ветувања.
Според потпишаниот договор ќе бидат инвестирани 820 милиони долари, а работите треба да завршат на крајот од 2017 година.