Почнаа градежните работи на третата фаза од проектот за изградба на фекалниот колектор во населеното место Инџиково. Инвеститор на овој голем инфраструктурен проект е ЈП „Водовод и канализација”, додека вредноста на инвестицијата изнесува околу 12 милиони денари.
Трасата на фекалниот колектор е покрај автопатот Александар Македонски во правец на стадионот Борис Трајковски, па се до фекалната препумпна станица Маџари. Самиот колектор ќе се изведе од полиетиленски цевки со профил DN-800 милиметри, а во должина од 679 метри.
„Со изградбата на овој колектор ќе се реши проблемот со прифаќањето и одведувањето на фекалните отпадни води од месните заедници Тумба и Питу Гули, како и дел од населените места Ченто и Камник. Новиот колектор ќе овозможи фекалните води по природен пат, без помош на пумпи, да одат до реката Вардар. Со реализацијата на овој капитален проект бенефит ќе имаат околу 30.000 жители на Општина Гази Баба“, рече градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.
На терен работат екипите на градежната фирма „Жикол“.