Со впишувањето на првиот инфраструктурен објект на Македонски телеком и издавањето на имотниот лист почна да функционира подземниот катастар во Македонија.
Со ова се создадени можности да се евидентираат сите подземни инфраструктурни објекти со што во иднина би се намалиле нивните оштетувања што досега се правеа при разните ископувања на земјиштето.
„Започнувајќи од вторникот создадени се услови за запишување на телекомуникациската инфраструктура и ги повикувам сите компании кои располагаат со соодветна градежно-техничка документација да ја достават и што поскоро да добијат имотен лист“, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешата прес-конференција.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој присуствуваше на денешната промоција, нагласи дека со подземниот катастар ќе се овозможи евидентирање на целокупната електрична, телекомуникациска, водоводна и останата мрежа што се наоѓа под објекти и на неизградено земјиште.
„Изминатите години при изведба на градежни активности, поради уништена инфраструктура граѓаните остануваа без електрична енергија, вода, телефон или Интернет. Досега во Кастастарот воопшто немаше евидентирано каде се наоѓаат овие инфраструктурни објекти, ниту пак беше запишана нивната сопственост. Сега веќе можат сите компании кои имаат евиденција за инфраструкруните објекти да достават геодетски елаборат и да ја запишат сопственоста на нивните објекти“, рече министерот Јанакиески.
За компаниите, воспоставувањето на подземниот катастар е голема придобивка затоа што ќе се намалат штетите на инфраструктурните кабли што се прават при одредени градежни активности.
„Ова е огромен придонес и за инвеститорите во телекомуникацискиот сектор затоа што секој што ќе сака да инвестира, ќе може да ја види постоечката мрежа и да ја планира својата“, рече главниот извршен директор на Македонски телеком, Жарко Луковски.
Законскиот рок за запишување на инфраструктурните објекти е 24 април 2018 година.