Вчеравечер во Куршумли Ан започна четвртото издание на Skopje Design Week, која годинава ќе се одвива под мотото „Четврта смена“и на тој начин, Скопје во наредните неколку денови повторно ќе пулсира во ритамот на дизајнерските креативни дела и урбаниот дух.
Според програмата, настанот ќе трае до 28 септември и ќе биде отворен за посетителите од 10 часот претпладне до еден по полноќ.
Франција, земјата која годинава е во фокус, претставена е со десет истакнати дизајнери и студија кои ќе ја донесат автентичната современа дизајнерска сцена во Скопје. Сегментот „Франција – земја во фокус“ е организиран во соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот Институт во Скопје.
На самото отворање свој интересен настап имаше вокалистката на MuseTrap од Србија, a од 22 часот сцената ја презема диџеј Acim.
Македонски и странски изложувачи среде чаршијата ги прикажаа своите инсталации. Рачно бојадисани ламби, резбани парчиња мебел, уникатни перници, везена облека со уникатен крој, часовници со интересен дизајн, накит од дрво се само дел од креативните парчиња поставени помеѓу стотици години старите тули на Куршумли Ан. Делата презентирани на „Skopje design week“ се дела кои според организаторите, биле изложувани и во различни меѓународни музеи и современи галерии.
Меѓу толпата посетители, можеа да се видат и познати политичари, како амбасадорот на САД Пол Волерс.
Така, по синоќешното отворање, во наредните денови следува интензивен ритам на паралелни и последователни програмски целини во кои се опфатени дизајнерски бизнис и едукативни презентации, основачка конференција на Балканска дизајнерска мрежа, Експо-зона, патувачки и некомерцијални изложби, работилници и панел-дискусии, „Гастро талент зона“ на „Барбакан“, новата форма на фестивал во фестивал со „Body, mind and spirit“, промоција на иницијативи со кои ќе се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија, но и целовечерни диџеј-сетови на српски и македонски диџеи во забавниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје.
Основачката конференција на Балканска дизајнерска мрежа ќе се одржи денес и утре. Иницијатори на платформата, чија цел ќе биде да се дефинира идентитетот на балканскиот дизајн и со заеднички сили и креации да се настапи на светскиот пазар, се организациите „Јавна соба“ од Македонија, Хрватската асоцијација на дизајнери од Загреб и дизајн-платформата „Миксер“ од Белград.
Балканската дизајнерска мрежа во првите две години од постоењето треба да се отвори кон сите дизајн-платформи, компании, студија, поедници и институции кои се тесно поврзани со дизајн на производи и кои сакаат да придонесат за развојот на дизајн-сцената во регионот со цел да се оствари заедничката мисија.
Во рамки на Неделата на дизајнот во Скопје, презентации ќе имаат Никола Радељковиќ од „Numen/For use“, кај нас познат и по сценскиот дизајн за филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, Рикардо Капузо, основач и сопственик на платформата „Design42Day“ во Италија, Ханспитер Џејмс Келин, архитект, СДА-дизајнер и архитект за внатрешно уредување. Во сегментот на едукативни презентации ќе се одржи работилницата за млади талентирани луѓе кои работеле на развојот на софтверско решение кое треба да им овозможи на купувачите да создадат и дизајнираат сопствени комбинации на ЗАВАР дизајнираните радијатори.
Неделата на дизајн во Скопје треба да даде можност да се стекнат и практични вештини во повеќе области на продукт-дизајнот. Од денес почнуваат да се одржуваат и работилниците, одосно на „Lotus design store“ за дизајн на поп-ап столици од рециклиран материјал, фузија на стакло, дизајн на керамички чаши, работилницата „Моден круг“ и работилницата за 3Д-декорации. Ментори на работилниците ќе бидат Анита Гај од „Lotus design store“ и „Lotus lounge chair“, заедно со Марта Поп Антоска (М-арт), Александар Дудески (Творница) и модната дизајнерка Ирина Тошева.
Во текот на Недела на дизајнот во Скопје ќе се одржи и Државното првенство на баристи, ќе биде објавен победникот на конкурсот за креативно дизајн-решение за брендирање на новиот производ – гроздов мед на ВВ „Тиквеш“, како и работилницата „Мобилен букбокс“.