Актуелните проблеми во градежништвото, особено од аспект на конструктивното градежништво и конструкциите под влијание на надворешните влијанија и катастрофите, се темите за кои се дебатира во рамки на 17. Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија што вчера почна во Охрид. На симпозиумот учествуваат над 200 учесници од 12 држави.
На свеченото отворање се обрати претседателката на ДГКМ, професорката од Градежниот факултет, Мери Цветковска. Во своето излагање таа истакна дека градежните конструктори имаат сериозни забелешки на постојните закони од сферата на градежништвото, па оттука сугерираат промени на законите за градење, за урбанистичко планирање,потоа законот за градежно земјиште и законот за експропријација. За да се среди хаосот во градежништвото, тие предочуваат со какви проблеми се соочуваат.
– Имаме доста проблеми, да речеме прво и основно би ја потенцирала категоризацијата на објектите која што мислам дека во постојниот закон за градба не е адекватна, условите за добивање на овластвување за проектирање кои што треба можеби да бидат построги,да се подигне квалитетот на изработката на проектите, на контролата на проектите, рече Цветковска.
Симпозиумот го поздрави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој пред учесниците на симпозиумот истакна дека Владата секогаш ќе дава логистичка поддршка на се она што е контруктивно, како идеја и решение за промена на законската регулатива што ќе следува веднаш по одржувањето на локалните избори.
– Очекувам да добиеме јасни предлози, идеи околу промената на четирите клучни закони што треба да се случат по изборите – законот за градење, законот за урбанистичко планирање, за градежно земјиште и законот за експропријација, рече Сугарески, повикувајќи ги сите заинтересирани да ги достават своите идеи и предлози до работната група којашто е формирана во рамки на Државниот градежен инспекторат.
Тој нагласи дека власта не планира да прави какви било законски измени без да се слушне мислењето на стручната јавност. Сугарески најави дека периодот настанат поради изборите ќе биде искористен од работната група да ги разгледа сите забелешки и да ги достави до Министерството за транспорт и врски, кое пак до средината на ноември би требало до Владата да достави јасен предлог за законските измени.
ДГКМ ги додели и традиционалните награди за најдобрите остварувања во изминатите две години во областа на достигнувањата во науката, во проектирањето на конструкциите и во изведбата.
Покрај главната тема: Природни катастрофи и конструкции, ќе бидат застапени и други теми, како: Теориски и експериментални анализи на конструкции; Современи методи за проектирање на конструкции; Еврокодови и национални анекси; Современи техники за изведба на конструкции; Современи материјали и технологии, предуслов за одржлив развој; Доверливост, робусност и трајност на конструкциите; Испитување, одржување, зајакнување и санација на конструкции; Инфраструктурни објекти, како и други теми поврзани со градежното конструкторство.
Во рамките на Симпозиумот, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, се предвидува да се одржи тркалезна маса на тема „Законот за градење и потребите од негови измени и дополнувања“. Втората тркалезна маса, на тема „Имплементација на Регулативата за градежни производи – CPR 305-2011“ ќе биде организирана во соработка со CEN-Европскиот комитет за стандардизација.