Познатиот македонски сликар Владимир Георгиевски почина во Скопје на 74 годишна возраст.
Во целокупното творештво на Владимир Георгиевски, човекот и неговата судбина се постојана тема, естетска провокација и креативна преокупација. Георгиевски има поминато низ неколку фази на уметничко изразување, но секогаш успешно сочувувајќи ја нагласената оригиналност.
Во неговите слики, цртежи, релјефи, скулптури, театарски костимографии и сценографии се редат актери од сите слоеви на цивилизацијата: шпанскиот благородник Дон Кихот, Достоевски, Бах, Бетовен. Адам и Ева се исто така живи во опусот на Георгиевски, како и светото тројоство, драмата на распнувањето и оплакувањето. Мотивите на старите чевли, лебот, камењата, сувите лисја потсетуваат на трагите на човековото постоење.
Владимир Георгиевски, исто така, создал сценографски и костимографски решенија за преку 30 театарски претстави во Македонија и во земјите на поранешна Југославија.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Како поранешен член на Удружење ликовних уметника Србије излагал во сите центри на поранешна Југославија.
Владимир Георгиевски работеше како професор на Архитектонскиот факултет и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Реализирал студиски патувања во Италија, Франција, Русија, Велика Британија, САД, Белгија и Холандија.
Самостојни излагања имал во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петерсбург.