Насловна / Арт и дизајн / Почина Клод Руиз Пикасо, помладиот син на шпанскиот уметник

Почина Клод Руиз Пикасо, помладиот син на шпанскиот уметник

Во Швајцарија на 77-годишна возраст почина Клод Руиз Пикасо, синот на шпанскиот уметник Пабло Пикасо и француската сликарка Франсоаз Жило.

Синот на Пабло Пикасо и француската сликарка Франсоаз Жило, која исто така почина оваа година на 101-годишна возраст, управуваше со многу вредното наследство на својот татко од 1989 година.

Клод беше фотограф и филмски режисер, а управувањето со наследството на неговиот татко и го предаде на својата помлада сестра Палома во јули оваа година.

п3

Адвокатот Жан Жак Ноер, во соопштението со кое ја информира јавноста за заминувањето на Клод Руиз Пикасо, не ја наведе причината за неговата смрт.

Клод работел речиси една година како асистент на познатиот фотограф Ричард Аведон, а работел и како фоторепортер за Time Life, Vogue и американскиот магазин Saturday Review. Во 2011 година го добил највисокото признание, Легијата на честа, за неговата уметничка работа и како администратор на имотот на неговиот татко назначен од судот.

Пабло Пикасо имаше четири деца. Клод и Палома беа негови деца со француската уметница Франсоаз Жило, која почина во јуни на 101-годишна возраст. Неговиот постар син Пол, од бракот со балерината Олга Хохлова, почина во 1975 година. Маја, неговата ќерка со францускиот модел Мари-Терез Валтер, почина во 2022 година.

п2

Пикасо го прекинал контактот со Клод и Палома откако Франсоаз, која беше првата жена што го напуштила, напиша мемоари за нивниот заеднички живот.

Тој се обидел да го спречи објавувањето на нејзината книга Животот со Пикасо од 1964 година.

Во 1970 година, 22-годишниот Клод поднел тужба до францускиот суд за да биде признат како легитимен син и наследник на својот татко.

Судот пресудил во негова корист и во корист на Палома, а братот и сестрата станаа наследници на Пикасо во 1973 година – една година по неговата смрт.

Наследството на Пикасо е едно од најбогатите во светот на уметноста.

Кога во 1973 година почина Пикасо на 92-годишна возраст, зад себе остави повеќе од 45.000 дела, меѓу кои 1.885 слики, 1.228 скулптури, 7.089 цртежи, 30.000 графики, 150 скици и 3.222 керамички дела. Исто така зад себе остави и милиони во кеш. Вкупното наследство на Пабло Пикасо тогаш е проценето на 650 милиони фунти.

„Ќе мораме да ја изнајмиме Емпајер Стејт Билдинг за да ги сместиме сите дела“, рекол Клод кога се завршил пописот.

Бидејќи Пабло Пикасо не оставил тестамент, поделбата на неговото наследство траела шест години и довела до бурни несогласувања во семејството.

На крајот е договорено делата на Пикасо да бидат поделени меѓу Клод, Палома, Маја и двајца негови внуци, Марина и Бернардо Руиз-Пикасо.

п1

Писателката Дебора Трастман во тоа време забележала дека Пикасовата мрежа на наследници „наликува на една од (неговите) кубистички конструкции – сопруги, љубовници, законски и вонбрачни деца (најмладото дете е родено 28 години по најстарото) и внуци – сите нанижани на оска како кимчен столб на фигура со нееднакви делови“.

Клод го преземал управувањето со наследството на Пикасо во 1989 година. Ова вклучувало решавање на прашањата на авторски права, репродукции и користење на името, како и константна правна борба против фалсификувањето и злоупотребата на ликот, делото и името на Пикасо.

Претставувајќи еден од најкопираните и најпиратираните уметници во светот, имотот на Пикасо произведува сè повеќе официјални репродукции за да ги спречи другите да профитираат финансиски од апетитот на јавноста за Пикасо.

„Никогаш не очекував, ниту сакав да имам ваква улога, ниту да имам влијание врз наследството на татко ми“, му рекол Клод Пикасо на биографот Џон Ричардсон.

Позади Клод остана сопругата Силви Вотиер и нивните две деца.

Испрати коментар

Scroll To Top