Американскиот архитект Дејвид М. Чајлдс, најпознат на пошироката јавност по неговиот значаен придонес во денешната силуета на „големото јаболко“, почина на 26 март 2025 година во Пелхам, држава Њујорк, на 83-годишна возраст.
Неговата кариера, поголем дел помината во студиото Skidmore, Owings & Merrill (SOM), обележана e со посветеност на урбанистичките вредности и трудот да ги унапреди граѓанските интереси преку архитектура.
Роден на 1 април 1941 година во Принстон, Њу Џерси, Чајлдс остави неизбришлива трага на изградената средина, воспоставувајќи рамнотежа помеѓу прашањата за естетиката и сложените барања на големи урбани проекти.
Едно од неговите најзначајни достигнувања е One World Trade Center, дефинирачката градба што ги замени кулите близначки, уништени во терористичкиот напад на 11 септември 2001 година. Овој проект, проткаен со историски и политички сложености, помина низ бројни проектантски итерации пред да биде завршен во 2014 година.
One World Trade Center
Кулата претставува симбол на отпорност и сведочи за способноста на Чајлдс да се носи со товарот на историјата и спротиставените интереси. Освен своето симболичко значење, зградата служи и како маркер за блискиот 9/11 Меморијал, суптилно потсетувајќи на трагедијата на која е посветен овој споменик.
National 9-11 Memorial Aerial
Сестран и прилагодлив архитект
Портфолиото на Чајлдс се проширува и надвор од локацијата на Светскиот трговски центар, опфаќајќи низа трансформативни згради низ Менхетен. Тука спаѓаат кулата One Worldwide Plaza, завршена во 1989 година и Deutsche Bank Center на авенијата Колумбус, кој претрпе значителни промени во 2000 година под негово водство.
One Worldwide Plaza
Неговата работа одразува сестран пристап, избегнувајќи го единствениот стил во корист на проекти прилагодени на специфичниот контекст и потребите на секој проект. Оваа приспособливост му овозможи значително да придонесе за еволуцијата на урбаниот пејзаж на Њујорк.
Moynihan Train Hall
Уште еден пример за неговата посветеност на граѓанската архитектура е Moynihan Train Hall на железничката станицата Penn Station, проект за проширување што ја трансформира поранешната зграда на поштата во модерен транспортен центар.
Салата, која се карактеризира со пространиот стаклен покрив, обезбедува ревитализиран и пријатен простор за патниците. Овој проект, поддржан од сенаторот Даниел Патрик Мојнихан, ја нагласува способноста на Чајлдс да реализира амбициозни визии кои го подобруваат јавниот простор.
Moynihan Train Hall
„Секогаш постоеше искреност во неговата архитектура, сериозност на намерата и длабоко верување во урбанистичките вредности. Беше загрижен за поголемо граѓанско добро и се обидуваше да ги убеди инвеститорите да го земат тоа предвид. Ова е негово наследство исто колку и чистото проктирање“, напиша архитектонскиот критичар Пол Голдбергер за New York Times.
One World Trade Center
Како што пишува ArchDaily, наследството на Дејвид М. Чајлдс е дефинирано не само од иконичните структури што ги проектирал, туку и од неговата посветеност на урбанистичките вредности и способноста да се справи со сложеноста на големите развојни проекти. „Неговиот придонес за хоризонтот на Њујорк и пошироко се доказ за неговото трајно влијание врз областа на архитектурата“, се заклучува.