Општина Центар е подготвена за започнување на градбата на новото основно училиште во Капиштец. Според законите, сите правни процедури се завршени и веќе е избран изведувачот на објектот – конзорциумот на „Пелагонија“ и „Вардар градба“.
Од општината информираат дека на 28.7.2016, до Министерстовото за финансии е доставен и договорот со Комерцијална банка за финансирање на овој инфраструктурен објект. Со ова, практично, општината ги завршила сите свои обврски и сега се е во рацете на Министерството. Тоа до владата треба да ја достави информацијата за задолжување, а таа во кус рок и во рутинска процедура истата да ја одобри, по што општината ќе потпише договор со Комерцијална банка и изградбата веднаш ќе почне.
„Нашите правни, административни и финансиски обврски се завршени. Почетокот на изградбата на новото училиште сега зависи исклучиво од Министеството за финансии и Владата. Се надеваме дека тие во најбрз рок ќе ја донесат оваа одлука, исто како што тоа го прават и за други проекти. Веруваме дека нема повторно да се кочат процесите, бидејќи штети трпат единствено родителите и децата во општина Центар“ – велат од општината.
Општина Центар ја „пренамени“ кредитната линија за изградба на модерно основно училиште во Капиштец, која претходното раководство ја алоцирало за изградба на барокна катна гаража.
Во оваа голема населба нема основно училиште и родителите се принудени да ги носат децата во други подалечни училишта во општината а некогаш и во други соседни општини. Од изградбата на училиштето ќе имаат бенефит повеќе од 500 деца од оваа населба.