„Да не се знае за тоа што се случило пред да се родиш значи за секогаш да останеш дете. Што вреди човечкиот живот, освен ако не е втакен во животот на нашите предци со записите од историјата?“
Маркус Тулиус Цицеро (106-43 п.н.е.), Оратор, 120
И покрај тоа што во 2020 година Инженерската институција на Македонија ја одбележа 100 годишницата од своето основање како Секција Скопје на Здружението на југословенските инженери и архитекти на 21. март 1920. година, релативно малку се знае за основоположниците на архитектурата и инженерството на овие простори. На пример се знае дека на територијата на Скопската градежна дирекција требало да има барем 50 универзитетски образовани инженери и архитекти за да може да се формира Секцијата Скопје, но за жал засега нема расположиви информации за сите присатни на ова основачко собрание на секцијата, а уште помалку дали и колку од нив биле родени на територијата на денешна Македонија.
Ова беше и еден од поводите за моето истражување во обидот да се откријат истите. Истражувањето кое одпочна во текот на пандемијата на Ковид-19 полека дојде до фаза во која можат да се презентираат и прелиминарните резултати, а коишто укажуваат на постоење на барем 72 архитекти и инженери родени на територијата на денешна Македонија во минатото, а кои дипломирале до формирањето на Федералната единица Македонија во рамките на Федерална и демократска Југославија на 2. август 1944. година.
За сега прелиминарните информации ги идентификуваа само оние архитекти и инженери за кои од барем еден извор се знае дека се родени на овие простори во минатото. Како резултат на ова за очекување е дека веројатно има повеќе од нив, дел од кои се уште не се идентификувани, заради немање на пристап до информации за нив и нивното место на раѓање. Ова особено се однесува на оние коишто дипломирале на Техничките факултети во Загреб и Љубаљана, обата основани во 1919. година, или пак надвор од територијата на поранешна Југославија. Од тука ова запознавање со нашите првенци е и апел до читателите на Порта 3 да помогнат и приднесат за идентификување на оние кои се уште не се.
Камениот мост на реката Драгор кај Довлеџик во Битола од инженер Стерие Циумети
Дипломирани во периодот на Отомаснаката империја (1371-1912)
Досегашното истражуавње успеа да идентификува три формално образовани архитекти кои дипломирале во овој период. Тоа се Петар Ј. Поповиќ (1873-1945) роден во Прилеп, Наум Торбов (1880-1952) роден во Гопеш и Јосиф М. Михаиловиќ (Јуруковски) (1887-1941) роден во Тресонче. Поповиќ и Михаиловиќ дипломирале на Универзитетот во Белград во 1896. и 1910.година, додека Торбов во 1904. на Националниот универзитет за уметности во Букурешт.
од лево кон десно: инженер Стерие Циумети, архитект Петар Ј. Поповиќ, архитект Наум Торбов и архитект Јоисф Михаиловиќ
Веројатно како најпознат на нашите простори е Михаиловиќ, кој во два мандата бил и градоначелник на Скопје и придонел за неговата трансформација во европски град. Поповиќ работел како архитект во Министертвото за градежништво во Белград, но и вонредно предавал на Техничкиот факултет во Белград. Дал особен придонес кон конзервацијата на старите објекти низ земјата вклучително со Куршумли Ан во Скопје. Неговата капела со костурница за паднатите во Брегалничката битка во Штип, срушена е во тектот на Втората светска војна. За разлика од Михаиловиќ и Поповиќ, засега нема информации дека Торбов работел на територијата на денешна Македонија. Тој својот придонес во доменот на архитектурата го дал во соседна Бугарија и особено во Софија преку проектот на Халите.
Јосиф Михаиловиќ
Дипломирани во периодот помеѓу Балканските (1912-1913) и Првата светска војна (1914–1918)
Досега како единствен претставник на овој период е идентификуван архитектот Глигорије Томиќ (1886-1971), роден во Крушево, а кој дипломирал во Белград во 1914. година, кој го збогатил Скопје преку познатиот објект Ибни Пајко.
Поглед на Камениот мост и Ибни Пајко
Дипломирани во периодот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (1918-1928)
Релативниот период на мир по Првата светска војна и поголемите можности за високо образование во земјата веројатно придонеле да се идентификуваат повеќе дипломирани архитекти и инженери. Така да досега се идентификувани 19 од кои 12 се градежни инженери и по три архитекти и три машинско-електро инженери, и еден хидро-инженер.Со исклучок на хидроинженерот Коста Д. Хаџиев (1902-1973) од Охрид, кој дипломирал на Техничкиот универзитет во Виена во 1926. година, сите други дипломирале на Техничкиот факултет во Белград. Меѓу нив се наоѓаат трите браќа Газикаловиќ, градежните инженери Драгољуб и Чедомир (татко на архитект Нада Жупан), и архитектот Стеван (1900-1975) сите родени во Скопје. Меѓу припаниците на оваа група се наоѓаат и професорот арх. Сотир Томовски (1899-1985) и градежниот инженер Глигорије Ташковиќ (1901-1963) обајцата родени во Битола.
Сотир Томовски
Сотир Томовски, Женска гимназија, Скопје
Дипломирани во перидот на Кралството Југославија (1929-1940)
Резултатите на истражувањето укажуваат дека најмногу дипломирани инженери и архитекти се идентификувани во овој период, дури 48. Меѓу нив веројатно едни од најпознати се и Кирил Жерновски, професорот инж. Тиберије Киријас, инж. Георги Василев, арх. Милорад Мацура, арх. Киро Ѓеорѓиевски-Дејан, и др. Покрај архитектите, градежните и машинско-електро инженерите, во овој период се јавуваат и првите инженери технолози.
Веројатно она што е позначајно дека во овој период се јавуваат и првите жени инженери и архитекти почнувајќи со градежниот инженер Сабиха Рифат-Ѓурејман (1910-2003) родена во Битола, која дипломирала како прва жена инженер на Техничкиот универзитет во Истанбул во 1933 година. Следната, 1934. година, на Техничкиот универзитет во Белград дипломирала и архитект Јованка Наумовиќ-Новаковиќ родена во Букојчани за која се уште многу малу се знае, а во 1938. година и архитект Ратислава Вохоска или Вехоска-Маџаревиќ родена во Скопје, а која добар дел од својата професионална кариера ја поминала во Заводот за заштита на спомениците на културата во Белград.
Поглед од воздух, Скопје
Дипломирани во периодот на Втората светска војна (1940-1944)
Како и во претходниот период на војни, така и во овој период досега само еден дипломиран е идентифициран, и тоа познатиот професор и архитект Борис Чипан (1918-2012) роден во Охрид, а кој дипломирал на Техничкиот факултет во Белград во 1941. година.
Од погорново може да се види дека досегашното истражување успеа да идентифицира 48 дипломирани инженери и архитекти, од кои три жени, во овој период од кој најголемиот дел го стекнале своето образивани на Техничкиот факултет во Белград. Преостанатите според расположивите информации го завршиле своето образование во Виена, Истанбул, и Загреб.
Борис Чипан
Основоположниците на архитектурата и инженерството на територијата на денешна Македонија
Врз основа на истражувањето и расположивите информации досега беше можно да се иднтифицираат, засега првите, 72 архитекти и инженери родени на територијата на денешна Македонија во минатото, од кој првиот, архитектот Петар Ј. Поповиќ дипломирал во 1896. година, а првата жена инженер Сабиха Рифат-Ѓурејман во 1933. година. Ова укажува на скоро 130 години долга традиција на универзитетски образовани архитекти и инженери на овие простори преку кои веројатно може да се добие подобра претстaва за зачетоците и развојот на овие професии коишто несомнено придонеле кон основањето на Инженерската институција на Македонија првин како Секцијата Скопје на Здружението на југословенските инженери и архитекти на 21. март 1920. година.
прослава по повод јубилејот „100 години од раѓањето на Борис Чипан“, Охрид
Да се надеваме дека ова истражување и текст ќе помогнат и поттикнат интерест не само за идентифицирање на првите архитекти и инженери родени на територијата на земјата, туку и за прочување на нивниот живот и дело, и проденес кон професијата.
Повеќе за „Првите инженери и архитекти родени на територијата од денешна Северна Македонија“ може да се прочита во списанието „Историја на техничките науки и институциите за високо образование“ тука.
„Домот на Црвен Крст“ во Скопје, проектант: Јосиф Михаиловиќ (1930)