Насловна / Вести / По тешката 2024, се прогнозира уште потешка година за европската автомобилска индустрија

По тешката 2024, се прогнозира уште потешка година за европската автомобилска индустрија

Во европскиот автомобилски сектор, продажбата стагнира во 2024 година. Тешка година веќе сега се прогнозира за 2025, а за тоа се наведуваат неколку причини. 

Годината која изминува ја одбележа експанзија на кинески брендови, како и воведување на допонителни царини на извоз на нивните електрични автомобили во ЕУ. Ова е година во која дојде до стагнација на побарувачката на пазарот. Кон тоа се надоврзува и многу важниот фактор за големите европски производители, а тоа е дека го губат тлото под нозете во Кина, некогаш еден од нивните најважни пазари. Нивниот профит е сериозно погоден. Водечките германски брендови и групацијата Stellantis, веќе се соочуваат со големи предизвици кои предвидуваат дека во 2025 година ќе биде уште потешко. Анализирајќи ги актуелните продажни бројки за Европа, за октомври, се гледа дека се регистрирани 1.040.390 автомобили, што е за 0,1% помалку отколку во претходната година. Во вкупниот збир за првите десет месеци оваа година, секторот едвај пораснал за 1,1%. Стручњаците веќе со месеци предупредуваат на стагнација во продажбата на електрични автомобили, но тоа клучните менаџери во секторот воопшто не ги засега. Сега се појавува и вишок во понудата и во производните капацитети. Веќе се најавени резови во вид на отпуштање на работници.

Аналитичарите отворено зборуваат за речиси „совршена бура“ која следната година ќе го погоди секторот, односно клучните компании ширум европскиот континент. Притисокот на цените, загубата на пазарниот удел во Кина, построгата регулација на CO2, царинскиот ризик и континуирано слабата побарувачка, веројатно дополнително ќе го намали профитот на секторот, и покрај засилените напори за реструктуирање. Внимателноста на инвеститорите, потенцијалните повеќемилионски казни кои брендовите ќе мора да ги платат поради непочитување на прописите за емисиите на CO2 од следната година и можните трговски војни, ќе ги принудат големите производители да продолжат со намалување на работните места. Ford, Mercedes, BMW, Volkswagen и повеќето брендови од Stellantis, настојуваат да ги намалат трошоците на било каков начин. Секако, кризата не ги одминува ниту компаниите во синџирот на набавки, како што се Bosch, ZF, Continental, Schaeffler и низа други помали кои исто така најавуваат отпуштања.

Испрати коментар

Scroll To Top