По Штутгарт, и Минхен планира воведување на забрана за сообраќај на возилата на дизел погон, кои не одговараат на најновите правила за нивото на штетните гасови, објави Градската управа на овој германски град минатата недела. „Количините на азотни оксиди во градското подрачје се значително повисоки од дозволените и затоа градоначалникот Рајтер размислува за забрана на дизел возилата на целокупното градско подрачје“ вели портпаролот на минхенскиот градоначалник, Петра Лајмер. Но, ово исто време, градоначалникот уверува дека ќе се направат максимални напори да се најде решение кое не би вклучувало остри забрани.
Со оваа мерка би биле погодени речиси 300.000 сопственици на дизел возила, колку што се регистрирани во главниот град на Баварија. Од забраната исклучок би биле само возилата на јавниот превоз и такси возилата. Здруженијата за заштита на животната средина ги поздравиле размислувањата за ваква рестрикција, додека бизнис секторот жестоко се противат на ова решение. Секако, оваа дебата драстично влијае на продажбата на дизел возила во Германија која бележи сериозен пад. Вредноста на акциите на „BMW“ кој има најголемо учество во продажбата токму на дизел возила, забележаа пад веднаш по објавувањето на можната забрана за дизелот во Минхен. Засега се уште не е јасно во чија надлежност е донесувањето на одлуката за забрана: на Градот или на Сојузната Покраина.
Здруженијата за заштита на животната средина постојано ја критикуваат автомобилската индустрија поради пасивноста во пронаоѓањето на трајни решенија за намалување на емисијата на штетни гасови од дизел моторите.