Општина Штип влегува во финална фаза на реализација на изградбата на нов мост на реката Брегалница. Мостот и пристапните сообраќајници до него, треба да поврзат два дела oд градот, индустрискиот и долниот дел на населбата Сењак, со што ќе се овозможи олеснување на сообраќајот. Ваквото решение се наметна само по себе, поради преоптовареност на главната сообраќајница, булеварот „Гоце Делчев“, посебно во утринските и попладневните часови.Името на проектот е „Изградба на врска помеѓу улиците Гоце Делчев и Партизанска“ и одговорен субјект за негова реализација е ЈП „Стипион 2011“. Неофицијално се нарекува „Обиколница Баргала-Сењак“, а проектанти на основниот проект се Силвана Пејева, Кристина Деспотовска и Диме Доневски, а одговорно лице е Сашко Протогеров од споменатото претпријатие. Според техничките параметри, мостот ќе биде со должина од 56 метри, со широчина на коловозот од седум метри, потоа пешачки дел од двете страни, секој со широчина од 1,5 метри и банкини и риголи од еден метар. Притоа, крстосницата со улица „Партизанска“ ќе се решава со посебен проект.
За горниот строј на конструкцијата е усвоено решение на спрегната конструкција меѓу коловозните носачи и армирано-бетонска плоча. Заедно со лакот се усвојува конструктивно решение на Лангерова греда, со крута коловозна конструкција, лак и висулки. Коловозната конструкција е челична, составена од два главни носачи, вклештена во лак со попречен пресек 60/100 см и со висина на стрела од осум метри. Поставен е подолжен носач ИПЕ500 на средина меѓу двата главни носачи. Попречните носачи се поставени на 3,5 метри. Висулките се поставени исто така на 3,5 метри.
Поставени се попречни секундарни носачи на 1,16 метри, а над носачите поставен е профилиран лим кој служи како оплата за спрегање на челичните носачи со армирано-бетонската плоча на мостот со дебелина од 20 см. Над бетонската плоча се поставува хидроизолација од 5 мм и асфалтна подлога од 7 см. Долниот строј е составен од крајни столбови, кои се на растојание од 56 метри.
Вкупно, мостот ќе има 16 сегменти додека финалните, главните столбови кои ќе бидат вкопани од обете страни на реката ќе бидат со височина од осум метри, од кои еден метар ќе биде во самата земја. Со максималното ниво на вода на река Брегалница, во услови на поплави или зголемен водостој, слободното ниво помеѓу мостот и водата би било над 3,5 метри. Мостот ќе има 15 висулки кои ќе бидат спој или врска помеѓу боковите на мостот и полукружниот лак над него, со цел стабилност.
Предвидена е монтажна пешачко одбојна ограда од метални профили по целата должина на мостот од двете страни. Одводнувањето е предвидено со типски одводни сливници во најнискиот дел (левиот дел) од мостот, поставени на секои 10 метри. Армирано-бетонските површини на мостот се заштитени со хидроизолација по целата должина на мостот и на контактот меѓу крајните столбови и темели со земјата.
Според пресметките, мостот би чинел околу 57,8 милиони денари или околу 932.000 евра, додека дополнително за сообраќајница која од двете страни ќе се вкрсти со делот кај „Баргала“ и оној на спротивната страна кај булеварот „Партизанска“, треба да се издвојат уште 29,7 милиони денари или 480.000 евра, со вклучен ДДВ.
Мостот, според информациите од локалната самоуправа, веќе е во фаза на конструкција, а проектот за улицата се разработува. Целиот проект веќе е во финална фаза, пред издавање на градежно одобрение. Доколку постојат средства, проектот ќе се реализира за неколку месеци, во спротивно ќе се оди фазно, со констуркција на улицата по што ќе следи и поставувањето на мостот.