Насловна / Вести / По „мораториумот“ очекувам да се воведе ред во градењето

По „мораториумот“ очекувам да се воведе ред во градењето

Честитки од Редакцијата на „Порта 3“, за Денот и годишнината на Општина Центар. По тој повод, особено што Центар е наша општина го направивме ова интервју со градоначалникот Саша Богдановиќ во кое се дава објаснување за сите актуелности, но се нудат и одредени решенија кои ќе се воведат во централното градско јадро.
Територијата на Општина Центар во последните десетина години е под незапамтен притисок за менување на основното урбанистичко-архитектонско битие. Тоа остави простор за реализација на небулозниот проект „Скопје 2014“, но не само тоа. Беше нападнато Водно, Дебар Маало и вкупно целата територија на Центар. Во меѓувреме урбанизмот стана државен проблем. Во сите кампањи за локалните избори многу се ветуваше за справување со лошиот урбанизам. Но покрај притисоците, сомнежите и ризикот од резултатот, единствен градоначалникот на Општина Центар остана доследен и донесе храбра одлука за стручна ревизија и доработка на ДУП-овите како и усогласување со ГУП-от на Град Скопје (мораториум). Го направи првиот би рекле револуционерен чекор – стоп на лошиот – коруптивен урбанизам.
Од друга страна, пак, општинските каси главно се полнат, за жал, исклучиво преку комуналии од прекумерната неконтролирана градба на штета на хуманото живеење. Меѓу другото и тоа придонесе за коруптивната спрега меѓу градоначалниците, инвеститорите и градежните фирми. Ја донесовме Македонија во Скопје и градот се угуши во вистинска смисла на зборот.

1

Прогласивте „мораториум“ на 31 ДУП во Општината. Тој значи ургентно запирање на градењето и замрзнување на состојбата. Со тоа обезбедувате време за да се согледа состојбата на терен, но и да се прегледаат плановите. Некои и Ве озборуваат, а најмногу оние кои досега градеа во Општината, дека им го одземате правото на градење? Дали Ви се прави притисок да потпишувате одобренија за градење за локации кои се под мораториум?

Најпрвин Ви заблагодарувам за честитките за Денот на Општината. Познатиот „мораториум“ или конкретно одлуката која ја донесе Советот на Општина Центар за неспроведување на ДУП-овите или поточно за 31 детален урбанистички план беше, и е храбра одлука која советниците ја поддржаа. Одлуката значи незапочнување на нови постапки поднесени по 27.12.2017 година со што сè додека не се ревидираат плановите нема да започнеме нови постапки за одобренија за градба. Одлуката не ги опфати само оние одобренија за инфраструктурни проекти кои се неопходни за завршување на сите започнати проекти. Реконструкција на улици, изградба на фекална и атмосферска канализација, водоводна мрежа итн. се одобренија кои не се опфатени со одлуката.
На почетокот имаше реакции за одлуката, но од ден на ден како што ја објаснувавме, луѓето разбраа дека станува збор за општо добро и дека на крајот ревидирањето ќе ги даде посакуваните резултати. Немам никаков притисок за одобренија, бидејќи предметите поднесени по 27.12.2017 година воопшто не се земаат за разгледување. Сепак, во Општината имаше неколку предмети кои ја имаа започнато постапката пред одлуката за запирање за извршување на дуповите и истите мораа да се завршат.

Она што го ветивте, а го ветуваа буквално сите градоначалници во своите предизборни кампањи, е ставање ред во урбанистичкото планирање. Но вашите колеги од останатите општини не прогласуваат „мораториум“, дури Општина Аеродром јавно се противи и вели дека е противзаконски и дека не го решава проблемот. Сметаме дека сам тешко ќе ја извојувате оваа битка. Разговарате ли на тема мораториум на планови со останатите градоначалници и градоначалникот на Скопје? Постои ли планско, системско решение, не само декларативно за проблемот со урбанизмот во градот позади кое цврсто ќе застане државата?

Не ја знам проблематиката на другите градоначалници и проблемите со нивните ДУП-ови, но ние ги утврдивме пропустите и сè додека не ги исправиме со нови планови нема да ја повлечеме одлуката. Одлуката е законска бидејќи општината е надлежна за спроведување на плановите. Сегашните планови имаа многу пропусти и затоа сакаме да го исправиме сè тоа што е погрешено.
Инаку донесени се нови закони за урбанистичко планирање, но во завршна фаза е и Законот за градење кој треба значително да го промени урбанизмоит. Но, и самите општини може да преземат одредени мерки за подобрување на состојбата и запазување на параметрите предвидени во Генералниот урбанистички план. Ние и во наредниот период ќе донесеме некои одлуки кои ќе го подобрат животот на граѓаните.

12

До кога планирате да трае „мораториумот“? Што очекувате по неговото завршување? Може ли дел од граѓаните да се почувствуваат оштетени доколку им се намали површината за градење на локациите на кои се сопственици?

„Мораториумот“ може да трае сè додека не се донесат нови планови кои ќе ги исправат сите грешки направени во минатото, но и кои ќе понудат подобри и похумани услови за живеење на нашите граѓани. По „мораториумот“ очекувам конечно да се воведе ред во Општина Центар и реално да ги планираме активностите на Општината согласно новите планови. Граѓаните ќе добијат само реални услови, бидејќи денес имате парцели со големи габарити, но на лице место не можат да се реализираат бидејќи планот не им дозволува.

Архитектонско-урбанистичката фела и граѓаните сонуваат за еден нов хуман центар на просторот пред Холидеј ин и Ново Маало. Што со ДУП-от „Голем ринг-јужен дел“? Зарем не е предизвик овој најскапоцен дел од центарот на градот кој преостана да се решава на меѓународен конкурс?

Тој план се работи и ќе биде изложен на јавна анкета така што сите предлози се добредојдени. Што се однесува за неколку планови ќе имаме конкурси за идејни решенија.

Не е тајна дека средствата од комуналиите за градење најмногу ја полнат општинската каса. Секако дека се судирате и со овој проблем. Како го решавате овој проблем во меѓувреме?

Во изминатата година обезбедивме средства и од други места со коишто целосно ја раздолживме Општината и ги подмиривме сите судски пресуди коишто ги имаше Општината. Вративме долгови во износ од 120 милиони денари, а плативме и над 140 милиони денари судски пресуди. Денес Општина Центар е општина која нема долгови. Тука сум навистина благодарен на мојот тим кој заедно со мене успеа да се избори да се обезбедат дополнителни средства во општинската каса. Сакам јавноста да знае дека целосно се реконструирани 6 улици, а во завршна фаза се и две големи улици „Димитар Пандилов“ и „Ѓуро Ѓоновиќ“. Се заврши доградбата на ОУ „Гоце Делчев“, отпочна третата и последна фаза за изградба на ОУ „Капиштец“, се реновираа неколку градинки и клонови, а Општината продолжи со сите свои зацртани проекти и активности. Во наредниот период ќе ги зголемиме активностите за да обезбедиме повеќе средства во Општината сè со цел завршување на поголем број на проекти.

dogradba na uciliste goce delcev1

ДУП-овите се изработени од овластен планер, потписник на планска документација и фирма со лиценца за оваа дејност. Спорните планови ги поминале сите правни процедури, ревизии и ги добиле сите позитивни мислења од институциите. Дали ова значи дека сите работеле погрешно и противзаконски?

Ревизијата ќе утврди кој во која фаза погрешил. Ќе има правна, но и политичка одговорност за лошите планови.

Општината има и свои градежни инспектори. Но, изведените објекти на лице место не ретко се изградени повеќе од дозволеното со ДУП-овите, а условот паркирање во рамки на сопствена градежна парцела скоро ниту еден објект не го исполнува. Си ја вршеле ли вработените во Општината кои се потпишувале на одобренијата за градење и градежните инспектори професионално работата за која се платени?

Инспекциските служби имаат донесено неколку решенија за усогласување и отстранување на некои работи кои не се усогласени со плановите, но и со претходно издадените одобренија. Спроведени се неколку решенија за отстранување, а во наредниот период ќе има и нови отстранувања.

so maska

Водно, најголемото зелено богатство на градот сите овие десетици години беше цел на стихиен напад на сите власти и градежната мафија. Дали Водно е под „мораториум“? Може ли да сметаме дека Вие и градоначалникот на Скопје ќе ја спречите натамошната деградација на парк-шумата Водно?

И таму изработуваме нови планови кои треба да ја променат состојбата на терен со што ќе се спречи уништувањето на шумата на Водно.

И покрај сè што ни се случи дефинитивно ДУП-от „Мал ринг“ е најскандалозниот план во државава кој директно посегна по јавниот простор, архитектонското наследство, забранетата зона на кејот на Вардар. Се говори за спомениците, но само се говори, а објектите не се ни споменуваат. Има ли ингеренции Општина Центар да се справи со „Скопје 2014“? Имаме ли воопшто државна стратегија, што со тие објекти?

Имаме стратегија, но не може така брзо да се реализира бидејќи се води целосна истрага и за плановите и за јавните набавки коишто се спроведени. Неколку институции се вклучени во разоткривање на сите злоупотреби.

ulica kapistec

Се спрема нова сообраќајна стратегија на ниво на Град Скопје. Го очекуваме тоа, се надеваме на револуционерно решение, со надеж дека Скопје и пред сè неговото централно подрачје ќе стане хуман простор за движење и живеење и намалување на загадувањето како една од најболните рани на градот.

Ние спремаме и веќе за некои делови од Центар сме при крај со сообраќајните решенија. Со такви нови решенија значително ќе го намалиме хаосот во статичниот и динамичниот сообраќај во нашата Општина.

Во Европа е тенденција кај сите паметни градови: Копенхаген, Барселона, Љубљана… да се забранат автомобилските улици низ центрите, за сметка на поголем простор за пешаците и велосипедите. Загадувањето во тие градови е драматично намалено. Скопје и пред сè Општината Центар имаат можеби последна-историска можност, но и обврска пред сè да направат некои резови во интерес на иднината на градот и да се доближиме до трендовите во Европа кон која се определивме.

И нашите сообраќајни решенија водат кон тоа. Намалување на можноста за користење на автомобилите, за зголемени површини за велосипеди и пешаци. Во 2019 година ќе има значајни промени во организирањето на сообраќајот во Општина Центар.

10

Впрочем што да очекуваме во престојниот зимски период на екстремна загаденост во Скопје, кои би биле интервентните мерки, додека не се пристапи кон поголемите стратегиски мерки?

Во соработка со Министерството за животна средина, Владата и Град Скопје веќе активно се преземаат мерки на терен. Започнато е со засадување на нови дрва и зелени површини, зголемено е чистењето на улиците со што се чисти прашината од јавните површини. Инспекторите се цело време на терен за да детектираат и санкционираат секаков вид на загадувачи.

Никако да станеме чист град. На сите кампањски акции на градските татковци, граѓаните одговараат со повторување на недисциплина во одржувањето на хигиената. Се чини провинцијалноста од државата ја пренесовме во Скопје…

Во 2019 година ќе се набават нови машини со што ќе се зголеми ефективноста на нашите служби. Ќе се зголемат кампањите сè со цел да влијаеме на свеста на граѓаните, а дополнително ќе се зголеми урбаната опрема сè со цел да овозможиме повеќе корпи за отпадоци. Со многу активности ќе ја подобриме хигиената во нашата Општина.

Испрати коментар

Scroll To Top