Два месеца по поставување на камен темелникот, продолжуваат градежните активности за изградба на новата клиничка болница во Штип. Речиси при крај е ископот за поставување на темелите. Ова е можеби најважниот објект и инвестиција која ја очекуваат над 200.000 граѓани од истокот.
Според прoценките болницата ќе биде готова во средината на октомври 2017 година.
Станува збор за инвестиција од приближно, 30 милиони евра. Објектот ќе се гради на местото каде што во моментов се наоѓа штипската клиника и ќе претставува грандиозна високо енергетски ефикасна клиника на површина од 34.000 м2 со капацитет на болнички соби од 354 кревети. Одделенијата за нега на хоспитализирани болни планирани се со 80% да бидат во 4-креветни соби, 10% да бидат 2-креветни соби и 10% едно-креветни соби.
Објектот се состои од две целини: при што првата целина се состои од три катни висини каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората целина се состои од 4 нивоа: подрум, ниско приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервисни одделенија како и одделот за патологија и судска медицина.
Во ниското приземје се сместени Ургентниот центар, радиолошко дијагностичкиот оддел, централните гардероби и лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата. Во приземјето и пониските нивоа се сместени 17 амбуланти, дополнети со специјализирани простори за прегледи и третман, како и дневни болници за трансфузиологија, дневна хирургија со три мали сали, хемотерапија психијатрија, служба за превенција и третман за зависности од дрога.
Токму овој проект доби прва награда за реализиран архитектонски проект на 17-то биенале на македонската архитектура „БИМАС 2014“ која како награда е воведена од 1981 година како највисока архитектонска награда во земјава:
Новата Клиничка болница во Штип ќе биде високо енергетски ефикасен објект со ниска потрошувачка на годишно ниво која ќе се троши за греење, вентилација и климатизација, санитарна топла вода, осветлување и помошна енергија. За прв пат во јавна здравствена установа е проектиран и ќе се изведе систем за пневматска пошта кој ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностиката и оперативниот дел.