Фирмата „Фешн груп“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) можат да почнат со градење на првата од трите кули кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје. Барањето за добивање градежна дозвола е правосилно, односно потпишана е градежна дозвола од градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
„Нема никакви пречки за решението да стане правосилно. Немаме добиено никаква жалба од непосредни соседи или од кој било што може да го пролонгира процесот. Тоа сè уште не е формално-правно завршено, треба да пресметаме кога решението станува правосилно, но веќе нема законска можност процесот да се стопира. Ние постапивме и поднесовме елаборати за суспензија, но по одговорот на Министерството за транспорт и врски, веќе нема причини да се одолговлекува или стопира управната постапка“, вели Богдановиќ.
И ова не е изненадување, познавајќи не какви сме, и колку сме корумпирани, и сведочејќи на се она што се прави со плановите резултатот е очекуван. Од продажбата на државното земјиште од страна на тогашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугаревски, јасно беше дека е само прашање на време кога ќе почне изградба на локацијата според еден од најспорните ДУП-ови Ц08. Всушност, локалната и централната власт не направија ништо за да ја спречат изградбата на овие објекти. За разлика од предходната власт која си градеше што сака и како сака, без никого да праша и послуша, оваа само глуми дека го слуша гласот на професионалците и се грижи за јавниот интере за на крај да го направи истото. Или што би рекол професорот Мирослав Грчев: „Претходната власт беше ѓаволски ефикасна во вршење злодела, а е оваа е неверојатно неефикасна во нивното поправање“. Бурлеската на Комисијата при Министерството за транспорт и врски, составена од архитекти: проф. д-р. Мирослав Грчев, Ана Ѓорѓиоска, Весна Андриевска, Илина Лалкова и Живко Спасески од дрво шума не виде, па така не успеа да види штета по јавниот интерес и најбезобразно изнесува невистини, дека општината ги изработила „погрешно“ елаборатите.
Антикорупционерите најавуваат дека нема да се откажуваат од битката против бетонизацијата на строгиот центар на градот. По веста дека веќе нема никакви пречки фирмата „Фешн груп“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) да почнат со градење на првата од трите кули во најстрогиот центар на Скопје, првата антикпрупционерка Билјана Ивановска за ДВ вели дека не е сѐ завршено. Тие подготвуваат писмо до Општина Центар од која што ќе побараат да им ја достави градежната дозвола и проектот за градба во атрактивниот дел на градот. „Бараме увид во она што е одобрено, по што ќе се произнесеме“, вели Иваноска. Според информации од Општина Центар, едно е сигурно, одобрениот Основен проект несоодетствува на Идејниот проект претставен на јавноста.
Споредба на нумерички показатели за домување ДУП Ц08 – ГУП
Но, антикорупционерите не можат да ја водат сами битката за зачувување на јавниот интерес, кој е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци. Тие чекаат на одговор од Јавното обвинителство, кое треба да се произнесе за иницијативата на Антикорупциската комисија, која пред неколку месеци побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“, како и планерите на ДУП Ц08.
Останува да се види дали тврењењто на Жан-Жак Русо дека „законите се корисни за оние кои имаат, а штетни за оние кои немаат ништо“ е точно.