По 43 години ќе почне рехабилитација и реновирање на депото за одржување на железнички возила во Македонија, по што вработените ќе добијат европски услови за работ.
Како што најави генералниот директор, Никола Костов, МЖ Транспорт АД Скопје спроведува низа позитивни проекти со кои целосно се менува сликата на компанијата во еден модерен железнички превозник.
„Го промовираме проектот за рехабилитација иреновирање на депото за одржување на железнички возила. Причини за задоволството да биде толку големо е фактот што овие градежни зафати се прават после долg период од точно 43 години од неговото пуштање во работа, и фактот што вработените конечно ќе добијат модерни услови за работа по сите европски стандарди“, рече Костов.
Проектот за рехабилитација и реновирање на депото за одржување на железнички возила е дел од проектот за обнова на железничкиот парк на МЖ Транспорт АД Скопје, кој се реализира со помош на Владата со поддршка на Европската банка за обнова и развој.
Целиот проект е во вкупна вредност од околу два милиона евра и предвидува изградба на целосно нова покривна конструкција, нова енергетско ефикасна фасада, замена на електрична инсталација со монтажа на штедливи лед светилки, комплетно нов под, промена на сите прозори и врати, реновирање на сите простории за вработените, тоалети и други помали зафати. Рокот за завршување на работите е една година.
Со проектот за обнова на железничкиот парк на МЖ Транспорт АД Скопје до сега набавени се 150 товарни вагони и сите се веќе во експлоатација, набавени се шест патнички возови од кои четири се веќе во експлоатација, а останатите се очекуваат по завршувањето на тестирањата да пристигнат во Македонија/
Во тек е евалуацијата за набавка на три нови електрични локомотиви, а се очекува од моментот на потпишување на договорот за една година тие да бидат во функција.