Насловна / Архитектура / По 40 години се гради основно училиште во населбата Капиштец

По 40 години се гради основно училиште во населбата Капиштец

Во седумдесеттите години на дваесеттиот век, во општина Центар во Скопје започнува да се реализира густа структура за домување на локалитетот Капиштец, локалитетот Завод за медицинска рехабилитација, Водно, Мало курил. Денес, тоа се населби со голема густина на населеност, многу жители, но и многу нови генерации деца – основци. До денес, децата од овој дел на центарот на Скопје останаа без свое училиште во нивната непосредна околина. капиштец_06

На огромниот простор од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ на север, до ОУ „Кочо Рацин“ на југ, планираната локација за изградба на основно училиште на аголот меѓу улиците „Васил  Ѓоргов“ и „Адам Мицкиевич“ повеќе од 40 години остана нереализирана. Планирата локација до скоро беше користена од различни институции и организации сместени во привремени монтажни објекти (бараки) изградени после катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Локација, грда неорганизирана и запуштена.капиштец_09

Но работите се менуваат и поместуваат. Реализацијата на долго очекуваното училиште во населбата Капиштец започна. Во 2013 година општина Центар распиша анонимен архитектонски конкурс за идејно решение за основно училиште во населбата Капиштец, за кој архитектите покажаа голем интерес и во голем број зедоа учество во него. Од пристигнатите 20 трудови најдобар и воедно добитник на првата награда беше идејното решение на авторите Бесиан Мехмети, Стефан Атанасовски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи.капиштец_01 капиштец_03

Компанијата „ИНКОМ – инженеринг“ ја изработи проектната документација – Основен проект за основно училиште во населбата Капиштец во 2015-2016 година, а изградабата започна во 2016 година. Училиштето ќе се гради две години, а инвестицијата изнесува шест милиони евра, средства кои ги обезбедува општината Центар како инвеститор на целата градба.капиштец_02

ОУ Капиштец ќе има капацитет за 500 ученици кои ќе се школуваат во основното образование од својата шеста година, започнувајќи со подготвителна настава па сè до завршување на основното образование на 15 години.капиштец_10

Барањата на инвеститорот се усогласени со новите училишни програми за основно образование – деветолетка, но дадени се и посебни критериуми на кои треба да се придржуваат проектантите и изведувачите, а тоа се:

– Целосна застапеност на програмските содржини.

– Училиштето треба да се конципира како т.н. „школа–парк“, која максимално ќе го искористи школското земјиште за надворешна едукација преку формални и неформални системи на учење во секое време.

– Поддржување на јавниот карактер на локацијата.

– Примена на современ архитектонски израз и градежни материјали.

– Овозможување посебен пристап до објектот и движење во неговата внатрешност за лица со посебни потреби.

– Постигнување квалитетна рамнотежа со околните објекти и воспоставување органска рамнотежа со природата.

– Економичност на решението.

– Почитување на важечката законска регулатива за ваков вид објекти до добивање дозвола за градење.

капиштец_04

Секако дека овие почетни барања влијаеле и на концептот на училиштето, кои проектантите успеале многу оригинално и креативно да ги имплементираат во нивното идејно решение и да испроектираат современо училиште, со надворешни чисти форми и функционална и флуидна поврзаност на сите функционални целини во внатрешноста на објектот.

капиштец_08

ОУ Капиштец е лоцирано на аголот меѓу две сообраќајници, улицата „Васил Ѓоргов“ и улицата „Адам Мицкиевиќ“, и се граничи со локациите на објектите Завод за вработување на запад, и Завод за медицинска рехабилитација на југ. Фреквентноста на постојните сообраќајници и крстосницата меѓу нив го одредуваат и пристапот до училиштето. Главниот влез за учениците е од улицата „Адам Мицкиевиќ“, пред кој е проектирано училишно плато. Уште еден влез е проектиран од улицата „Васил Ѓоргов“, кој ќе може да го користат учениците и вработените. Пристапот за возила е од улицата „Васил Ѓоргов“ со кој е поврзан паркингот на терен со капацитет 16 + 2 паркинзи од кои две се за паркирање на лица со посебни потреби. Паркингот на терен  може да го користат родителите што ги носат своите деца со возила до училиште. Овој пристап за моторни возила води и до рампата за подрум каде се проектирани 95 паркинг места и економски простории. Паркингот на терен преставува и тампон зона помеѓу фреквентната улица „Васил Ѓоргов“ и училишниот двор, но не преставува безбедносна опасност за учениците бидејќи движењата на моторни возила и пешаци во локацијата се раздвоени.

OU KAPISTEC_Page_5

Во објектот се проектирани сите барани содржини дадени во Проектната програма дадена од инвеститорот, и тоа:

А. Група простории за престој и настава на учениците

Б. Група простории за наставници

В. Група простории за рекреација и физичка активност на учениците

Г. Група економски простории и простории за одржување на училиштето

Д. Училишен двор

Е. Училишно земјиште

Објектот е конципиран со два подолжни кубуси со ориентација север –југ, во кои се сметени просториите за настава, а во средишниот дел меѓу овие кубуси се сместени заедничките простории за престој и физчка активност на учениците, аула, внатрешен двор (пацио) и спортска сала.

Во приземјето на објектот со јужна ориентација, проектирани се училниците за ученици кои посетуваат подготвителна настава и се на возраст од шест години. Санитариите за овие ученици се поврзани директно со училницата, заради поголема контрола.

На северната страна се проектирани кабинетите за ликовно и музичко образование и мала сала за гимнастика со придружни гардероби и санитарии.

На првиот кат се проектирани седум училници со ориентација на јужна страна, а со северна ориентација се дистрибутивната кујна и трпезарија со капацитет за 220 места. Веднаш до трпезаријата е и библиотеката со читална. На првиот кат се сместени и дел од просториите за наставнци.капиштец_05

На вториот кат се проектирани шест училници и кабинет за ОТП, со ориентација на јужната страна, а кабинетите за физика, хемија, биологија и фотографија се со ориентација на северната страна. На источната страна се наоѓа кабинетот со компјутери. И на овој кат има простории за наставници.

Во средишниот дел на училиштето, во продолжение на главниот влез – ветробран,  проектирана е аула со две нивелации во подот кои ќе се користат како аудиториум –седишта за заеднички настани во училиштето. Во продолжение на аулата е внатрешниот двор, со што се овозможува природно осветлување на средишниот дел од училиштето, но може да се користи и како простор за одмор на учениците. А во продолжение на внатрешниот двор е спортската сала. Сите овие простори меѓусебно се преградени со стаклени прегради, физичка и звучна преграда.

Излезот до надворешните спортски терени е непосредно до спортската сала и гардеробите.

Во подрумот на објектот, освен 95 паркинг места, сместени се групата економски простории и простории за одржување.

Вертикалната комуникација во училиштето е со два пара скали, еднокраки кои се граничат со аулата и едни двокраки. За лица со посебни потреби проектиран е лифт со почетна станица од подрум до вториот кат. Лифтот е во непосредна близина на просториите за наставници за подобра негова контрола.

За дистрибутивната кујна проектиран е посебен лифт со почетна станица од подрум до првиот кат каде се наоѓа и кујната и трпезаријата.

Училиштето има 20 училници од кои седум се за ученици за подготвителна настава и осум кабинети. Ходниците пред училниците се со поголема ширина, така што се формираат ниши за дружење во помали групи и користење на одморот. Ходниците се галериски поставени во однос на централниот дел на објектот – аулата, со што визуелно се поврзува целиот простор во еден. Површината над терен е Пнет=8130,30 м2 и површина на објектот под земја е Пнет=3755,76 м2.

При изработка на основниот проект, проектантите одбрале и примениле современи и еколошки материјали кои се достапни на нашиот пазар, и тоа бетон, гипс, челик, алуминиум и стакло. Изборот на градежните материјали и нивната комбинација се со цел да се создаде пријатен внатрешен простор и комфор за учениците и вработените. Сите простории се добро осветелени, со природна вентилација, термички  и акустично добро изолирани и заштитени. Исто така се преземени и сите мерки за противпожарна заштита. Изборот на градежните материјали ќе овозможи и побрза и „почиста еколошка“ градба, бидејќи многу конструктивни елементи се монтажни.

Конструкцијата е армирано-бетонска и се состои од столбови, греди и плочи. За кровната конструкција одбрани се челични решетки. Покривачот е ребраст лим. Објектот ќе биде приклучен на централно градско греење со можност во иднина да се изгради гасна централа и да се приклучи централно греење на гас, што ќе биде многу поекономично и поеколошко решение. Греењето е предвидено како подно, дополнето со радијатори, според направените пресметки.

Според Елаборатот за енергетска ефикасност и сите анализи и пресметки и применетите мерки за ЕЕ, објектот ОУ Капиштец според нашата законска регулатива е во енергетската класа помеѓу C-D.

Надворешното обликување на објектот произлегува од самиот концепт, два правоаголни кубуси малку смакнати поставени од двете страни на централниот кубус со заедничките простории. Обработката на фасадите е со стакло систем полуструктурална фасада, вентилирана. Прозорците за заштита од сонце имаат хоризонтални жалузини –брисолеи. Калканските полни ѕидови се повеќеслојни, а завршната облога е од композитни и фиберцементни плочи со завршна обработка „натур бетон“.

Секако, и училишниот двор е организиран за пријатен и безбеден престој на учениците надвор и можност за настава на отворено. Слободните површини се обработени со високо и ниско зеленило или трева. Во дворот е проектирана ботаничка градина, спортски терени за мали спортови и други простори за настава на отворено.

И на крај, после многу години чекање да се изгради училиште во населбата Капиштец, жителите и основците сепак ќе добијат едно ново современо училиште кое, веруваме, со задоволство и радост ќе го посетуваат и ќе се здобиваат со своите први знаења и вештини, ќе стекнуваат и многу другарчиња и ќе имаат убави и среќни детски денови.

Пишува: Натка Ќосева, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top