Градот Скопје потпиша договор за изработка на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз, која треба да биде готова за 12 месеци. Студијата треба да понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред кој ќе ги задоволи потребите за движењето на граѓаните во работните денови, во пикот на сообраќајот во текот на денот, за време на викендите, празниците.
Ваквата студија, како што соопштија градските власти, е потребна зашто актуелните автобуски линии се организирани според студија која датира од пред 40 години, поточно од 1981.
Во студијата ќе биде опфатени и најавените две рути на брзиот автобуски транспорт (БРТ), односно ќе треба да понуди сценарија за организација на јавниот превоз во Скопје до пуштањето на БРТ и потоа.
„Студијата треба да биде завршена до јуни 2022 година. Оттука, убеден сум дека за помалку од две години нашите сограѓани ќе можат во целост да ги почувствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје, а со имплементацијата на БРТ-системот верувам дека ќе можеме да се пофалиме дека имаме најдобро организиран јавен превоз во регионот, но и пошироко“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Студијата ќе ја изработува конзорциум од две меѓународни компании – израелската „РОМ транспортејшн“ и англиската ГСТЦ ЛТД. Нивната понуда е избрана од вкупно 17 кои пристигнале, а чини 322 530 евра обезбедени преку грант во рамки на проект од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).