Ремек-дело на модерната архитектура – Францускиот павилјон во Студентскиот центар во Загреб беше официјално отворен по неколку години реновирање, и почетокот на една нова ера на овој простор е обележан со изложба на фотографии од зборникот „Археологија на модерноста во просторот на Студентскиот центар“.
Изложбениот павилјон на Франција бил изграден според проектот на француските архитекти Robert Camelot и Jacques&Paul Herbe и градежниот инженер Bernard Lafaille во 1936/1937 во рамките на саемската приредба „Загребски збор“.
Францускиот павилјон е градба од исклучително културна, историска и техничко-технолошка вредност која ги надминува рамките од локално значење. Со одлука на Регионалниот завод за заштита на спомениците на културата во Загреб, францускиот павилјон во 1987 година е ставен под превентивна заштита, а со решение на Управниот одбор за заштита на културното наследство при Министерството за култура на Хрватска во 2003 година е запишан во Регистарот на недвижното културно наследство, односно на листата на заштитени споменици на културата.
Проектот за реновирање на павилјонот започна во 2009 година, а во него учествувале Градот Загреб, Студентскиот центар и Универзитетот во Загреб.