Повеќе од 15 години жителите на просторот меѓу стара и нова „Билна аптека“, се жалат дека немаат уредена пристапна улица, паркинг-простор, дека се’ е запуштено и темно бидејќи нема поставено улично осветлување.
Овој огромен простор нема ни атмосферска канализација и затоа се правеа дупки каде што се слеваше водата, и заради тоа автомобилите и граѓаните не може безбедно да се движат.
Општина Центар почна со конечно решавање на овој проблем. Просторот на 2150 м2 ќе добие нов лик. Веќе се поставени новите канделабри и се чека приклучок од ЕВН. Со ова ќе се осветлат и новиот паркинг простор, кој што ќе биде изграден, локалното детско игралиште и пристапната улица. Ќе се гради атмосферска канализација во должина од 135 метри, каде што ќе слеваат водите. Откако ќе се реши прашањето со водовод, ќе се направи пристап до повеќе објекти и просторот ќе се поплочи со бекатон коцки.
Овој проект е дел од акцијата на општина Центар „Работно лето 2015“.