По Самитот за нуклеарна безбедност одржан на почетокот на месецов во Вашингтон, страстите не стивнуваат. Медиумите го коментираат неприсуството на Путин на овој Самит, со што Русија „го става светот на праг на нова нуклеарна криза“. Меѓутоа, факт е дека рускиот претседател своето отсуство го оправдува со фактот што САД за разлика од Русија не се придржувала кон постигнатиот договор за уништување на залихите на плутониум од кои може да се направи атомско оружје. „Ние своите обврски ги исполнивме. Нашите американски партнери не го сторија тоа“, објаснил Путин.
Руско – американската спогодба за уништување на вишокот на плутониум од кој може да се направи нуклеарно оружје е потпишан уште во 2000 година. На самитот за нуклеарна безбедност во Вашингтон во 2010 година, потпишан е протокол со кој е дополнета спогодбата од 2000 година. Секоја страна се обврзала дека во 2018 година ќе започнат со уништување на по 34 тони опасни материи, односно 34 метрички тони збогатен плутониум, од кој можат да се направат 17.000 нуклеарни бомби. Во согласност со договореното, двете страни морале да изградат и фабрики за рециклажа на радиоактивните материи. Русија веќе изградила таква фабрика, додека САД ги замрзнала работите на изградба на таков погон бидејќи во меѓувреме Американците одлучиле плутониумот да се чува за евентуална повторна употреба (не исклучувајќи го неговото користење и за боеви глави).