Еден од најголемите предизвици на денешницата е да се обезбеди храна за растечката популација на Земјата. Интересно решение за ова прашање доаѓа од Барселона. Дизајнерската фирма од Барселона „Forward Thinking Architecture“ го прикажа својот концепт односно решение за сè поголемиот глобален проблем – недостаток на храна.
Името на проектот е „Smart Floating Farms“ (Паметни пловечки фарми). Системот е во целост автоматизиран и ги комбинира соларната енергија, хидрофонијата (билки кои се одгледуваат без садење во земја) и аквакултурата. Дизајнерите нашле инспирација во фармите за одгледување риби во Азија. Фармите се состојат од модуларни делови со големина 200 х 350 метри, кои можат да се спојат во една целина. Секој модул од соларната фарма за храна се состои од три ката: првиот кат е наменет за аквакултури и постројки за десалинизација на водата; вториот кат е предвиден за хидрофонско одгледување на билки; третиот кат е прекриен со соларни панели со висок степен на ефикасност, со отвори за поминување на светлината и системи за апсобирање на дождовницата.