Германската мултинационална енергетска компанија RWE и холандско – норвешката компанија SolarDuck, заедно ќе работат на изградба на пловечки соларни паркови на море. Како што истакнува RWE, во своето соопштение за медиумите, SolarDuck развил иновативна технологија на пловечки соларни електрани која ќе го реши проблемот со недостаток на расположиво земјиште за изградба на обновливи извори на енергија. Идејата е пловечките електрани да се интегрираат со офшор ветерните електрани со цел поефикасно користење на океанскиот простор за производство на енергија од обновливи извори.
Изградбата на соларните паркови на море бара технологија која е во состојба да ги издржи сите тешки услови, вклучувајќи ги и високите бранови, силни ветрови и корозивното дејство на морската вода. Платформата на SolarDuck има триаголен облик, и го има добиено првиот светски сертификат за пловечка соларна неергија издаден од страна на меѓународната компанија за сертификација Bureau Veritas. Таа е проектирана да биде неколку метри над водата и „да ги следи брановите како тепих“, се појаснува во соопштението. Врз основа на овој концепт, германскиот гигант RWE ќе ја финансира изградбата на првиот пилот проект во Северното море.
Проектот под името Merganser, со капацитет од 0,5 MWp, ќе биде инсталиран покрај брегот на Остенде во белгискиот дел на Северното море, и ќе им обезбеди на двете компании важно искуство пред комерцијализацијата на оваа технологија планирана за 2023 година. Merganser е првиот чекор во соработката на компаниите RWE и SolarDuck, и претставува темел за поголем демонстрациски проект во склоп на ветерниот парк Hollandse Kust West (HKW).