Новиот Музеј на современа уметност во Цирих, (Kunsthaus Zürich) e дело на архитектот Дејвид Чиперфилд и се наоѓа на плоштадот Хајмплац или како што често го нарекуваат плоштад на уметноста. Плоштадот Хајмплац е изграден во 1910 година.
На југ се граничи со централното градско подрачје – историскиот стар дел на Цирих, а на север со најголемиот универзитет, Универзитетот ЕТХ. Денес на јужната страна на плоштадот се наоѓаат трите постојни згради на Музејот на современа уметност (МСУ), кои се градени во различни периоди. Зградата – дело на архитект Мосер е изградена во 1910 година, зградата – дело на архитект Фистер е изградена во 1958 година, а објектот на архитект Мулер е од 1970 година. На источната страна на плоштадот се наоѓа Драмскиот театар.
Со урбанистичкиот план за дел од централното градско подрачје кој го вклучува и плоштадот Хајмплац, а е усвоен и презентиран во 2007 година, планирано било да се изгради уште една зграда за Музејот на современа уметност на северната страна од плоштадот. Урбаниот концепт за новата зграда на МСУ предвидува чист геометриски волумен. Формата на новата зграда е инспирирана од старото кантонално училиште изградено во 1842 година, со што се дефинира урбаната рамка на плоштадот со урбанистичка јасност.
Новиот урбанистичкиот план дефинира два нови надворешни простори на плоштадот Хајмплац: урбаниот простор на југ на плоштадот со четирите згради на Музејот на современа уметност и нова градина на северната страна на плоштадот поврзана директно со новата зграда на МСУ, како отворена природна средина. Со ова се заокружува концептот, плоштадот Хајмплац да претставува урбан влез во образовното милје –Универзитетот ЕТХ. Па така наредени во една низа во централното градско подрачје се стариот историски дел од градот со Гросмустер црквата, плоштадот Хајмплац – плоштадот на уметноста и Универзитетот ЕТХ.
Во 2008 година е распишан архитектонски конкурс за новата зграда на МСУ. На конкурсот првонаграден труд е проектот на Сер Дејвид Чиперфилд, односно неговото биро David Chipperfield Architects од Берлин. Во 2009 година стартува проектот, а зградата е завршена во 2021 година. Новиот Музеј на современа уметност во Цирих е отворен во ноември истата година. Зградата е со нето-површина од 23.300 квадратни метри кои се распределени на подрум, приземје и два ката.
Со четирите згради на плоштадот Хајмплац, Музејот на современа уметност во Цирих денес претставува најголем музеј за современа уметност во Швајцарија.
Внатрешната организација на музејот е базирана на концептот „куќа од соби“. Оваа идеја го наоѓа својот израз во различниот дизајн на „собите“ во однос на големина, дизајн, ориентација, осветлување, избор на бои и материјали, давајќи ѝ на секоја соба (изложбен простор) свој карактер и формирајќи различна низа од простории.
Сите простори за публика како кафе-бар, музејска продавница, простори за едукација и простори за различни други настани се групирани околу централниот влезен хол во приземјето, додека просторите на горните два ката се организирани само за изложби. Различно димензионираните простори за изложби се карактеризираат со избор на смирени материјали и бои и се со изобилство од дневна светлина. На првиот кат светлото доаѓа од страна – од прозорците, а на вториот кат дневното светло доаѓа од плафонот – од кровни рамни светларници.
И вештачкото осветлување е совршено решено. Инсталиран е систем на отворени светла со насочен сноп на светлина. Индивидуално, специјално светло е инсталирано за уникатни уметнички дела. Светлото е и флексибилно со алатки за осветлување за различни примени и различни дела.
Нешто што е заедничко во просториите за изложби е изборот на подот – дрвен, додека подовите на ходниците, холовите и скалите се обложени со камени плочи. Во целиот објект сите врати, довратници и облоги на отворите се од месинг.
Влезот во приземјето е централно поставен, влез од плоштадот, а влезниот хол се протега по целата јужна фасада и претставува врска меѓу зградите на МСУ, стариот дел на градот и новата градина за уметност. Всушност влезниот хол има директна врска со новата градина.
Под плоштадот е изграден тунел за посетители и вработени кој е врска помеѓу новата зграда на МСУ со постоечките стари згради, креирајќи единствен институционален ентитет.
Надворешноста на новата зграда е дизајнирана со традиционална камена фасада, како што се обликувани постоечките згради на МСУ и многу други јавни згради во Цирих. Новата зграда на МСУ може да се каже дека однадвор е проектирана комбинирано, традиционално и современо, изборот на камена фасада е продолжување на традицијата на обработка на фасади на јавните објекти, а иновација претставуваат камените вертикални „брисолеи“, поставени на еднакво растојание на сите четири фасади.
Камените вертикални брисолеи се изработени од локален јурасик варовник, одлично занаетчиски изработени и полирани до сјај. Деловите на фасадата зад брисолеите се застаклени, а некои делови се затворени со рамни камени плочи од истиот варовник. Многу современ, естетски и урбан контекст на фасадата. Едноставна и елегантна, минималистичка во стилот на Дејвид Чиперфилд. Особено ефектно е доживувањето ноќе, кога како шах полиња се распоредени деловите на фасадата, застаклените се осветлени, а останатите не.
Со отворањето на МСУ е поставена и современа скулптура во центарот на плоштадот.
Во новата зграда на МСУ ќе има постојана поставка на современата уметност од 1960 година па наваму и на подарената колекција на Емил Бурле.
Во Музејот ќе се организираат и повремени изложби со средна големина, а влезниот хол ќе се користи како отворен уметнички простор.
Повремени изложби на отворено ќе се организираат и во новата градина.
* * * * *
Сер Дејвид Алан Чеперфилд е англиски архитект познат по своите минималистички дизајни. Роден е во 1953 година во Лондон, Англија. Дипломирал во 1977 година во Лондон. На почетокот работел со веќе познатите архитекти Ричард Роџерс и Дејвид Фостер. Во 1985 ја основал својата компанија Дејвид Чеперфилд архитекти во Лондон. Денес е глобален светски архитект кој управува со своите четири компании во различни градови и држави, Лондон, Милано, Берлин и Шангај. Ги добил следните награди за архитектура и уметност: Стирлинг, Кралскиот златен медал, Волф наградата и Премиум империјал.
Неодамна Дејвид Чеперфилд е прогласен за победник на конкурсот за дизајн на новата зграда на Фондацијата за Нобелова награда во Стокхолм и е еден од учесниците на кратката листа архитекти за обновување и реконструкција на Кристалната сала во Лондон.
Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.
(Специјално за Порта 3 од Швајцарија)