Негативното влијание на пластиката врз климата и здравјето на луѓето е поголемо отколку што се мислеше, открија научниците од престижниот швајцарски универзитет ЕТХ Цирих. Причината е многу поголемата употреба на фосилни горива, пред сè на јаглен, во процесот на производство – и како суровини за изработка на пластични предмети и за снабдување на фабриките со енергија.
Производството на пластика рапидно расте во последниве години. А најпроблематично е што производствениот процес најмногу се одвива во земји со неодржливи енергетски системи.
Една третина од пластиката потекнува од Кина, која е водечки светски производител. Со оглед на тоа што нејзината енергија се базира на јаглен, фабриките за пластични производи користат огромни количини „валкана“ топлина и електрична енергија, што резултира со висок јаглероден отпечаток и сериозен придонес за глобалното затоплување.
Покрај пластиката произведена во Кина, добар дел од растечката потрошувачка доаѓа од други новоиндустриски развиени земји како Индонезија, Индија и Јужна Африка, кои исто така се многу зависни од јаглен за производство на енергија.
ЗГОЛЕМЕНА ПОБАРУВАЧКА
Евтина, издржлива, лесна за дизајнирање, корисна… Ова се некои од добрите страни на пластиката што ѝ овозможија да биде присутна на секој чекор денес – од пакување на храна до облека и играчки, па дури и делови за автомобили.
Побарувачката за пластика ширум светот е зголемена за четири пати во последните 40 години. Тоа што многу се потпираме на пластични производи доведува до тоа дека тие сериозно ја оштетуваат нашата планета, особено кога се за еднократна употреба.
Пластиката е петрохемиски производ кој се формира главно со преработка на сурова нафта, но и гас и јаглен. Така, процесот на производство всушност почнува на наоѓалиштата на фосилни горива. Во една швајцарска студија објавена во научното списание Nature Sustainability, истражувачите велат дека глобалниот јаглероден отпечаток од пластиката се удвоил меѓу 1995 и 2015 година, достигнувајќи две милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксид (CO2e).
Според пресметките на научниот тим од Швајцарија, уделот на производството на овој материјал во вкупните емисии на стакленички гасови тогаш бил 4,5 отсто, што е повеќе отколку што претходно се верувало.
Проблемот со претходните проценки е што во пресметката се користел просечниот енергетски микс во светот, кој е многу позелен од системите за производство на енергија во земјите од кои во моментов потекнува најголемото количество пластични предмети.
„Јаглеродниот отпечаток на пластиката содржан во транспортниот сектор на Кина, индонезиската електроника и индиската градба се зголеми за повеќе од 50 пати од 1995 година“, предупредува истражувачот Ливија Кабернард. Токму зголемувањето на производството во овие земји е одговорно за повисокиот јаглероден отпечаток на пластиката во споредба со претходните претпоставки.
Авторите на истражувањето, исто така, ги побија поранешните хипотези дека приближно исто количество фосилни горива во пластичната индустрија се користи како суровина за производство на самиот материјал и за енергија – откриле дека двојно повеќе фосилни горива согоруваат за време на производството на пластика отколку во неговите суровини.
СОСТОЈБАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Македонија има ниско ниво на селекција на отпад, што негативно влијае и врз управувањето со пластичен отпад утврдиле од Државниот завод за ревизија.
Според ревизорите системот за селекција на отпадот е нефункционален и не обезбедува селекција, со што ѓубрето не може да се обработува. Ова го содржи заедничкиот извештај за управување со пластичниот отпад во Европа кој го објави Државниот завод за ревизија.
Како што информираат оттаму ова е резиме на ревизии за пластичниот отпад извршени од 12 врховни ревизорски институции во Македонија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Малта, Молдавија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Словачка и Турција.
Според извештајот во две земји се утврдени случаи на нелегална испорака на пластичен отпад и тоа во Бугарија и Полска, а има информации за постоење диви депонии или несоодветно обезбедени депонии и согорување отпад од граѓаните, што резултира со загадување на воздухот и претставува опасност по здравјето на луѓето. Во овој дел се посочени Бугарија, Македонија и Полска.
Последниот извештај на Државниот завод за ревизија, објавен минатата година, вели дека рециклирањето на пластичниот отпад во Република Севрна Македонија е помало од еден отсто од вкупно собраниот отпад, поради што е потребно преземање иницијативи и активности за подобрување на состојбата. „Собраната количина на селектиран пластичен отпад во државата е минимална и претставува околу 1,4 отсто од вкупниот собран отпад во една година и во најголем дел е резултат на преземени дејства од колективните постапувачи и неформалниот сектор (индивидуални собирачи)“, се додава во Извештајот на ДЗР.
ВЛИЈАНИЕТО НА ПЛАСТИКАТА ВРЗ ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО
Половина од глобалниот јаглероден отпечаток на пластиката се должи на емисиите од јаглен. Ова не само што придонесува за зголемување на просечната глобална температура и го нарушува квалитетот на воздухот, туку го загрозува и нашето здравје.
Поради согорувањето на јагленот, во воздухот се акумулираат екстремно мали штетни честички (ПМ-честички), кои можат да предизвикаат астма, бронхитис и кардиоваскуларни заболувања. Како што сè повеќе од оваа валкана енергија се користи за производство на топлина и електрична енергија во производството на пластика, така се зголемуваат и негативните здравствени последици.
Во текот на набљудуваните две децении, глобалниот здравствен отпечаток на пластиката се зголеми за 70 отсто, што предизвика светската популација да живее со нарушено здравје поради загадениот воздух.
Треба да се земе предвид дека енергијата во земјите производители, особено во Кина, полека се менува на подобро за да се бори против климатските промени и дека најавените проекти за изградба на соларни електрани и ветерници би можеле значително да ги намалат штетните емисии во производство на пластиката таму.
Сепак, можеби е најдобро да се ослободиме од пластичните производи целосно затоа што нивните лоши својства не можат да се поништат со одржлива енергија.
Секоја година човештвото генерира 380 милиони тони пластичен отпад кој завршува на депониите и во океаните. Со депонирање фрлени рибарски мрежи, пловци и шишиња на Пацификот, се формира голем тепих од ѓубре.
Микроскопски мали честички од пластика, помали од зрно ориз, биле забележани и кај пчелите, потоа во пивото и во водата во шишиња, како и во рибата и кујнската сол. Со оглед на тоа што пластиката во најситната форма навлезе во нашиот синџир на исхрана, не треба да нè чуди што експертите ја пронашле во човечки измет, бели дробови и крв. Пластиката е пронајдена на највисоката и најдлабоката точка на светот.
Иако нашиот секојдневен живот во голема мера зависи од пластиката, генерациите на нашите баби и дедовци би можеле да ни дадат увид во тоа како изгледал нивниот живот без неа, имајќи предвид дека масовното производство е почнато дури во 1970-тите.