Насловна / Арт и дизајн / Пласман на поинакви форми на креативно изразување

Пласман на поинакви форми на креативно изразување

Артекхаус (Artechouse), со локации во Вашингтон, Њујорк и Мајами, важи за дом за иновативна уметност на 21-виот век. Основана од Сандро Кересилиџ (Sandro Kereselidze) и Татјана Пастукова (Tatiana Pastukhova) во 2015-та година, компанијата е место каде се нуди инспирација да се истражи најновото, и едукација за најдоброто во оваа сфера.

1_resize

Објектите важат за прва мултимедијална платформа во светот и служат за пласман на поинакви форми на креативно изразување. Уметниците чии идеи не можат да се вклопат во класичен простор како музеј или галерија, на пример, спас наоѓаат во концептот на Артекхаус. Огромниот простор е конфигуриран за полесно привлекување што е можно поголем број посетители, кои преку интеракција со дигиталните инсталации стануваат дел од нив. Tехнологијата игра голем дел во оваа, како што се нарекува, револуција на уметноста. Преку вакви простори, на уметниците им се дава нова моќна алатка, и притоа не само што се поттикнува нивната имагинација, туку и начинот е мошне релевантен за времето и за светот во кој живееме. „Технологијата е секојдневно меѓу нас, ние сакаме да овозможиме таа поинаку да се искористува“, велат од Артекхаус.

2_resize

Локацијата во Вашингтон се наоѓа во близина на центарот на градот и особено заради 10-метарските ѕидови, иако под земја, се смета за реткост, заради законските ограничувања на висината на зградите во главниот град на САД (ниту една од нив не смее да биде повисока од американскиот Конгрес). Просторот со површина од околу 1.500 метри квадратни бил празен 25 години, сè до отворањето на галеријата.

3_resize

4_resize

Прво што забележувате е темна просторија, висечки проектори и едноставен изглед, но знаете дека зад него се крие спектакл. И навистина, веднаш ве привлекуваат звучните и светлосни ефекти, се впуштате во безгрижни движења, најпрво со рацете, обидувајќи се да откриете какви сè сензори ќе се активираат и што ќе се анимира. Подот е покриен со рефлективна боја за да изгледа дека она што се проектира, се протега надвор од границите на просторот. Деталните црно-бели илустрации на Јуко Шмизу (Yuko Shimizu) во Ханами, со помош на беспрекорниот графички дизајн и компјутерска обработка, добиваат боја и живот. Повеќевековната јапонска традиција поврзана со цутот на црешите е прикажана преку копно, вода и воздух. Очигледно беше дека уживаат и младите и постарите посетители, фотографирајќи се на секој чекор. За разлика од стандардната забрана во музеите за допирање на експонатите, во ерата на новите медиуми се чини важи обратното – охрабрени сте тоа што ќе го видите да го допрете, за да го оживеете. Целта е постигната, сега танцувате, а цветовите го следат вашиот ритам, го движете целото тело, обземени сте.

5_resize

Проектот XYZT Апстрактни пејсажи е доказ како интеракциите со природен свет можат да се преточат во апстрактен. Инсталацијата на Адриен Мондо (Adrien Mondot)

и Клеар Бардаин (Claire Bardainne)  воедно претставува и разновидност на сетилни искуства што се создаваат со искористување на древните техники на илузија и бесконечните можности на модерната технологија. Бидејќи Х-хоризонталност, Y-вертикалност, Z-длабочина и Т-време, можат да го опишат движењето на точката во просторот, тие ја носат и суштината на потенцијалното место на тоа движење. Патеката, минувајќи низ природа, претставена геометриски и органски, реагира на посетителите кои можат да играат или да ја допрат материјата на светлината на пример, во пејсаж од линии, точки и букви, додека истражуваат живописно и минливо виртуелно опкружување. Фигурите се создаваат во реално време од моделирање на физичкото движење. Преку изложбата, како да одите низ друга форма на дигитална природа.

6(_resize

6_resize

Просторот на Артекхаус во Њујорк на површина од околу 550 метри квадратни исто така долго време бил напуштен, а зградата е стара преку 100 години. Машинската халуцинација на Рафик Анадол, беше премиерно прикажана на оваа локација. Изложбата е експеримент на синтетичка реалност којашто се фокусира на преку 100 милиони прикази од Њујорк, истражувајќи ја идејата на вметнување на дигиталната уметност во архитектурата преку користење на вештачката интелигенција. Сликите ги откриваат скриените врски среде познатата панорама на њујоршките облакодери, истовремено нудејќи халуцинирачки поглед во машината, која ги анализира тие фотографии. Таа машина потоа создава своја интерпретација на панорамата и како нештата се движат, менуваат или пак сонуваат. Замислата е машините да можат да помогнат во доловувањето на хибридната врска меѓу архитектурата и нашата перцепција за времето и просторот. Триесетминутната халуцинација, на публиката ѝ нуди увид во иднината на самата архитектура.

7_resize

Локацијата на Артекхаус во Мајами е во арт деко стил, а зградата датира од 1921 година. Областа на Мајами бич е среде културна ревитализација, со сè поголем број театри и киносали, и од компанијата велат дека се среќни што се дел од процесот.

8_resize

Моќта на уметноста е да предизвика своевидно будење или промена, да ги помести границите за тоа што сè може да се вброи во уметничко творештво. Артекхаус преку уметност, наука и технологија под еден покрив, го овозможува токму тоа, изложбите не се само преносители на пораката, туку се директни учесници во една нова ера, а посетителот не е пасивен набљудувач, туку активен истражувач.

Компанијата гордо изјавува дека целта ѝ е и промоција на делата како на меѓународни, така и на локални уметници, а ја фаворизира и идејата за поголема застапеност на жени уметници.

Досега Артекхаус бил домаќин на 10 инсталации. Целосно се финансира од продажба на билети.

Автор: Јулија Велковска

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

ФОТО: Кредит / Артекхаус

Испрати коментар

Scroll To Top