Планот на Владата за чист воздух донесен минатата зима веќе се реализира и се преземаат мерки за намалување на загадувањето. Сега на прагот на новата сезона за греење граѓаните почнуваат повторно да проверуваат колкаво е загадувањето. Загадување има и во летните месеци, но речиси никој не е толку заинтересиран за да проверува затоа што сонцето ги освојува очите. Прашината крената по улиците која ја има од неисчистени гуми на камиони или издувните гасови на дизел автомобилите секојдневно се тука. Во околината на Скопје и во лето се палат огнови на полињата, а црниот чад се шири насекаде.
ПОДАТОЦИТЕ НЕ СЕ ВРАЌААТ
Во текот на зимските месеци секојдневно се проверуваат податоците на апликацијата Мој воздух за висината на загадувањето, а таа пракса треба да продолжи и во лето.
А, во овие летни месеци, па и многу пред тоа, некои од мерните станици поставени во Скопје не покажуваат податоци колкав е индексот на ПМ 10 и ПМ 2.5 честичките. Со отворање на апликацијата Мој воздух и проверување на висината на загадувањето во Центар со ПМ 2.5 честички се добива одговор дека мерната станица моментално не враќа податоци. Таков е случајот и со одредени мерни станици во Аеродром и Гази Баба. Проблемот со мерните станици е токму во оние делови каде во текот на зимата загадувањето е најголемо.
И од Министерството за животна средина и просторно планирање потврдуваат дека некои мерни инструменти не покажуваат податоци.
„Моментално во град Скопје во функција се сите мониторинг станици за квалитет на амбиентниот воздух. Мерните инструменти за мерење на O3, CO, SO2 и NO-NO2-NOx од мерните станици Карпош и Центар кои не се во функција треба да се заменат со нови мерни инструменти поради немање резервни делови од производителот.
Инструментот за ПМ 10 од Карпош и ПМ 2.5 од Центар се наоѓаат во фаза на тестирање по извршено сервисирање и калибрација. Во моментот се одвива набавка на два нови мерни инструменти за PM 10, наменети за станиците во Гази Баба и Лисиче, која треба да се реализира до крајот на октомври 2019 година. Инструментот за РМ 10/2.5 од мобилната мониторинг станица поставена во Општина Ѓорче Петров е испратена во акредитирана лабораторија за калибрација во Виена, Австрија, во средината на јуни 2019 година и истиот ќе се инсталира по нивно враќање“, одговараат од ресорното министерство.
Оттаму додаваат дека во однос на набавката на Автоматскиот анализатор за мерење на суспендирани честички ПМ 10 како и на Систем за прибирање и обработка на податоци (Дата логер, GPRS рутер, софтвер), која ја спроведува МЖСПП, наменет за мерната станица Гази Баба, договорот е потпишан во април годинава, додека крајниот рок на испорака, негова инсталација и пуштање во работен режим треба да се изврши до крајот на август исто така оваа година. Средствата се планирани и одобрени од буџетот на министерството.
За мерната станица Лисиче, од МЖСПП велат дека во однос на набавката на Автоматски анализатор за мерење на суспендирани честички ПМ 10 како и на Систем за прибирање и обработка на податоци (Дата логер, GPRS рутер, софтвер), која се спроведува како донација од фабриката ОКТА, евалуацијата на понудите е завршена во средината на јули годинава, додека конечната одлука треба да ја донесе генералниот директор на ОКТА според нивните процедури. Од моментот на донесување на одлука и потпишување на договор, се очекува во рок од 60 дена до 90 дена инструментот да биде испорачан, инсталиран и пуштен во работа, нагласуваат од Министерството.
Но, додека сето ова да се реализира Владата на Република Северна Македонија работи на намалување на загадувањето и покрај тоа што за одредени делови од Скопје во овој период нема точни податоци колкаво е загадувањето. Па така изминатиот период постојано се пуштаа јавни повици за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година. Јавните повици беа за енергетска ефикасност, за зелени површини и прочистувачи.
На овие јавни повици право на учество имаат општините на територијата на град Скопје, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2018 година.
Поголемиот дел од мерните станици не работеа и изминатата сезона и тоа повторно тие што се наоѓаат во „критичните“ делови од градот, а сега на јавните повици на Владата токму тие општини имаат право да аплицираат.
СУБВЕНЦИИ ИМА, КАЗНИТЕ ДОЦНАТ
Планот за чист воздух предвидува преку мерки на Владата да се намали загадувањето на воздухот до 2020 година, и тоа во Скопје за 50 отсто, додека во другите градови да постигне намалување помеѓу 30 и 50 отсто.
Планот, како што тврдеше и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, покажува јасно изразена политичка волја за намалување на загадувањето на воздухот. Дури и во планот стои дека спроведувањето на мерките ќе се одвива преку интегриран и координиран пристап, отвореност на Владата и на државните институции за партнерски однос со граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.
Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милион евра, и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштитата на животната средина, во висина од 20 милиони евра. Планот предвидува и комплетна замена на сите 18 мониторинг-станици, зачестени инспекциски контроли, јавни кампањи, законски измени, справување со изворите на загадување и низа други чекори.
Во текот на оваа година она за што најмногу скопјани се интересираа беа субвенциите што ги даваше Град Скопје. Градските власти работат на интензивно и системско намалување на загадувањето на воздухот. Градот Скопје го формираше новото јавно претпријатие „Градски енергетски системи АД Скопје“, субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и останати течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку, имаше субвенциите за обука на оџачари, како и помош за граѓаните за чистење на оџаци. Исто така, за првпат субвенционираат граѓани за набавка на посовремени уреди за затоплување, во вид на набавка на топлотни пумпи и инвертер клима-уреди.
Најново што се планира е доделување на субвенции до 3.000 евра за набавка на нови возила кои се со мотори со „Еко 5“ и „Еко 6“ стандард, а средствата се предвидени од Министерството за економија.
После овој двегодишен план за чист воздух, 10 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади домаќинства ќе користат инвертер клима-уреди, а 2.000 домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на живеење. После две години ниедно домаќинство нема да се грее на јаглен и нафта.
Во индустријата ќе се носи закон за индустриски емисии каде што се дефинираат построги правила во одобрувањето на интегрираните еколошки дозволи и ќе има потранспарентен мониторинг, а до тогаш ќе се зајакнат контролите.
Во градежништвото ќе има засилени контроли во градењето и просторот за градење, миење на возила и покривање на товар. Обврска е да се контролира градежниот шут и другиот отпад на објектот што се гради.
Но, од сето ова што се презема или е планирано да се направи за намалување на загадувањето досега како да нема повратен позитивен ефект. Ќе чекаме да видиме дали мерните станици ќе проработат за да нè информираат дали ПМ честичките исчезнуваат или се тука и само чекаат да бидат повторно актуелни. Се поставува прашањето дали со реализацијата на јавните повици за енергетска ефикасност, зелени површини, прочистувачи, или со набавката на велосипеди, електрични тротинети, печки на пелети, инвертер клима-уреди, ќе следуваат и идните чекори, како на пример пронаоѓање на загадувачите и нивно казнување. Дали и оваа зима повторно ќе гледаме фотографии од индустриски капацитети од чии оџаци излегува црн чад, како и од домаќинствата кои се греат на секаков отпад.
НАЈЛОШО РАНГИРАНИ ВО ЕВРОПА
Емисијата на загадувачки супстанци во воздухот потекнува од скоро сите економски и социјални човекови активности: сообраќајот, индустријата, согорувачките и енергетските постројки, домаќинствата, градежните активности, депониите (особено дивите) за отпад и земјоделските активности. Аерозагадувањето е најголемиот причинител на предвремена смртност и зголемен број на заболувања кај луѓето. Тоа е најголемиот ризик од областа на животната средина по здравјето на граѓаните во Европа, каде според податоците на ЕЕА и СЗО е причинител на околу 400.000 прерано изгубени животи.
Република Северна Македонија за жал, според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина за аерозагадувањето во Европа е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите. Скопје, Битола и Тетово се меѓу 10-те најзагадени градови во Европа во 2017 година. Според најновите анализи на Светската здравствена организација (СЗО), аерозагадувањето е главниот причинител на над 1.300 смртни случаи годишно, и зголемен број на лица со респираторни заболувања. Според анализите на Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата околу 2,5 отсто од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно.
Сите извештаи покажуваат дека доаѓа до нагло зголемување на концентрациите за време на грејната сезона, и тоа три до четири пати. Скопје и Тетово на пример, имаат многу денови во годината кои ги надминуваат максимално утврдените средно дневни вредности за ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките.
Сите анализи и наоди спроведени досега укажуваат дека греењето е најголемиот загадувач на воздухот и во Скопската Котлина. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт во рамките на твининг проектот со МЖСПП каде е пресметано дека дури 90 отсто од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво). Покрај греењето, изворите на загадувањето од другите сектори не се воопшто за занемарување и потценување. Отпадот и дивите депонии, како и нивното палење, потоа индустриските капацитети, градежната експанзија и непочитувањето на правилата за градење, бројните неуредени површини од кои се крева прашина, како и сообраќајот ја надополнуваат комплексноста на предизвикот и ги диверзифицираат причините за загадувањето и го отежнуваат процесот на нивно решавање.