Насловна / Вести / Плаќања за да не се произведе електрична енергија – нелогичности и предизвици на патот кон обновлива иднина

Плаќања за да не се произведе електрична енергија – нелогичности и предизвици на патот кон обновлива иднина

Почетокот на новата година во Велика Британија беше одбележан со студено време и температури до -18,9 Целзиусови степени, снег и снежни вијулици, дожд и поплави во кои илјадници домаќинства останаа без струја, а за жал имаше и човечки жртви.  И на оние коишто беа поштедени од овие временски непогоди душата им се стегна како последница на најновото „новогодишното“ поскапување на енергенсите (електричната енергија и гасот).  Паралено со ова беше објавена и информацијата дека преостанатите резерви на гас во земјата се доволни да ја покријат вообичаената потрошувачка за само уште една недела.

ЕМИСИИ ЗА ТОА КАКО ДА СЕ ЗАШТЕДИ ГРЕЕЊЕ

Телевизиските станици почнаа да емитуваат советодавни емисии за тоа како да се заштеди на греење, од вообичаените да се грее само една соба во станот и тоа со снижување на температурата на термостатот на радиаторот во собата, целосно исклучување на греењето навечер и користење на електрично ќебе во креветите, користење на електрична чизма во текот на денот, под услов да не заборавите дека двете нозе ви се во една чизма за да не паднете ако треба некаде да појдете, користење на ќебиња, наметки од вештачка волна и слично.  Добротворните и религиозните организации, и општините, коишто и колку можеа, ги отворија своите објекти за луѓето да можат барем во текот на денот да престојуваат во простор што се грее и да добијат по некој топол пијалок или пак дури и топол оброк.

Се ова во време во коешто новата лабуристичка влада преку директно или индиректно зголемување на даноците и придонесите предзивика нов бран на затворања на организации, отпуштања, неизвсност на берзата, намалување на вредноста на фуната наспрам доларот, и сл.  Веројатно една од најконтраверзните мерки на новата влада е и укинувањето, на до минатата година универзионалниот, еднократен надомест за зимско греење на лицата на возраст од 66 или повеќе години, а во износ од 200 до 300 фунти (околу 238 до 357 евра).  Од оваа година тој се исплаќа само на оние кои се приматели на одреден вид на социјална помош од државата.  Како и во најголемиот број случаи, разлика во приход од плус или минус неколку евра одлучува за тоа дали лицето се квалификува за еднократниот надомест за зимско греење или не.

ДОБИВААТ ОНОЛКУ ЕНЕРГЕНСИ КОЛКУ ШТО МОЖАТ ОДНАПРЕД ДА ПЛАТАТ

По последното покачување на цените на енергенсите за домаќинставата во периодот од 1. јануари до 31. март 2025 година, цена на енергенсите за просечно домаќинство ќе биде ограничена на 1.738 фунти (околу 2.068 евра) годишно. При ова станува збор за домаќинства кои користат или електрична енерија и гас, или пак домаќинства со двојно броило за струја, едно за вообичаената електрична енергија, а друго за елктрична енергија само за греење и топла вода (за оние коишто користат темоакомулациони печки за греење и бојлери за топла вода што се напојуваат со енергија само во одредени временски периоди – вообичаено ноќе). Во погорната цена е вклучен данокот на додадена вредност, но важи само за оние домаќинства кои сметките ги плаќаат со траен налог од нивната тековна сметка. Оние кои ги плаќаат сметките во банка по добивањето на истите плаќаат повеќе, а оние кои го плаќаат со претплата (при пјед) плаќаат уште повеќе.  Во последната, најскапа група, вообичано се најсиромашните домаќинства во општеството кои добиваат онолку енегренси за колку што тие можат однапред да платат.  Во старите британски филмови и серии веројатно се сеќавате како одеднаш ќе снема струја или гас  во станот или куќата и нема да се обноват се дедека станарите не стават метална монета од 50 пенси во автоматот. Се разбира, сега работите се модернизирани и луѓето треба да отидат да го надополнат дигиталниот токен или картичка за енергија во продавница или тобако пред да можат со неговото внесување во броилото да го пренесат и активираат новиот кредит.

НОВАТА ДРЖАВНА ПЕНЗИЈА ПОКРИВА САМО 63% ОД ПРОСЕЧНИТЕ ТРОШОЦИ НА ПЕНЗИОНЕР

За споредба, на вработен којшто е постар од 21 година и ја прима националната минимална бруто сатница, треба да работи најмалку околу 152 часа за да ја плати новата годишната сметка за струја, под услов да не плаќаат данок на приход или пак придонеси за државно осигурување.  Доколку ги плаќаат, ќе треба да работат повеќе часови.  За пензионерите работите се уште полоши.  Пензионерите со полна нова државна пензија (која се добива по 35 години работен стаж и платени придонеси за државно осигурување и која во принцип е иста за сите, без оглед на тоа колкави примања имале додека работеле) ќе треба да одвојат скоро осум (7,86) недели пензија за да ја платат годишната сметка за енергенси, под предпоставка дека не плаќаат данок на приход.  Погорните пресметки се базирани на претпоставката дека само едно лице има приход или пензија во домаќинството.  Веројатно, како дополнителна илустрација може да послужи фактот дека новата полна државна пензија покрива само околу 63 % од просечните животни трошоци на еден пензионер.  Се разбира работите ќе бидат уште полоши до колку во домаќинството живеат две лица, а зависат од една пензија.

ИЗГУБЕНИ 920 МИЛИОНИ ФУНТИ ВРЕДНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, ПЛАТЕНА ЗА ДА НЕ СЕ ПРОИЗВЕДЕ

Погорново веројатно барам малку помога да се разбере контекстот во земја во која цените на енергенси за домаќинствата вообичано се менуваат четири пати во годината.  За жал работите стануваат покомплицирани кога ќе почне подетално да се разгледуваат елементите коишто влегуваат во цената на енергенсите.  Така на 29. август минатата година, весникот „Скотсман“, повикувајќи се на проценки од „Карбон тракер тинк танк“ извести дека просечното домаќинство во земјата плаќа 40 фунти (околу 48 евра) годишно за да НЕ се произведува електрична енергија, со прогнози дека уделот на оваа ставка ќе се покачи повеќе од три пати до 2026 година.  Според истиот извор во 2023 година во Велика Британија биле изгубени 920 милиони фунти (околу 1,095 милијарди евра) вредна електрична енергија која морала да биде платена за да НЕ се произведе.  Ова најчесто се случува во однос на „фармите“ за добивање на електрична енергија од ветер коишто мора да се исклучат заради надминување на расположивиот капацититетот и тесните грла во рамките на Националната мрежа за дистрибуција на електрична енергија.  До колку погорните поценките се веродстојни тогаш излегува дека вредноста на платената, но НЕ и произведена енергија во 2023 година, била доволна да се платат годишните сметки за енергенси на околу 529.344 домаќинства во земјата според најновите цени од јануари 2025 година!

Од ова јасно може да се види дека развитокот на фарми за производство на енергија од обновливи извори, како ветер и сонце, мора да биде соодветно искоординиран со развиток и постоење на соодветна инфраструктура во националната дистрбуциона мрежа за да има доволен капацитет да се прифати и дистрибуира, или пак склаидра во батерии, произведеното количество енергија, а со цел да си избегнат гореспоменатите состојби каде се плаќа за да НЕ произведуваат енергија.  Се разбира, цената на платената, а НЕ произведена енергија ја плаќаат потрошувачите, а и државата веројатно профитира од данокот за додадена вредност што се наплаќа на сметките за енергенси, а во износ од 5 до 20 % во зависност од видот на корисникот и потрошувачката на енергија.

ПЛАЌААТ ЦЕНИ ЗА ЕНЕРГИЈА ОД ФОСИЛНИ ГОРИВА ДУРИ И КОГА КОРИСТАТ ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ

Анализите на „Карбон бриф“, укажуваат дека произведента електрична енергија во Велика Британија во 2024 година била најчиста од било кога со 45 % удел на енергија од обновливи извори, 13 % од атомска енергија и 29 % од фосилни горива.  И покрај ваквата состојба, потрошувачите не ги чувствуваат финансиските придобивки од зголеменото прозивоство на енергија од одбновливи извори затоа што и домаќинствата коишто се снабдуваат целосно (100 %) со енергија од обновливи извори, мора да ја плаќаат истата по цените определени за струја, а базирани на повисоката цена за производство на енергија од фосилни горива.  Од тука произлегува дека домаќинставата не само што плаќаат за да НЕ се прозиведува енергија, туку и плаќаат цени за производство на енергија од фосилни горива дури и кога користат енергија произведена од обновливи извори.

Според, „Пејџерпауер“, договорната цената за производство на електрична енергија по Мегаватчас во Велика Британија за 2025 година, а во зависност од изворот на енергијата е:

  • Големи соларни централи:              44 фунти (околу 52 евра)     Индекс: 100
  • Ветерни централи на копно:           46 фунти (околу 55 евра)     Индекс: 105
  • Ветерни централи на вода:              57 фунти (околу 68 евра)     Индекс: 130
  • Централи со гасни турбини:           85 фунти (околу 101 евра)    Индекс: 193

Доколку односите на овие цени директно се отсликуваат и во малопродажните цени, оние домаќинства кои ја добиваат својата електрична енрергија од големите соларни централи или пак ветерни централи на копно, би требало да плаќаат значително помлаку за обновливата енергија што ја трошат, но според сегашните правила тие плаќаат според цените за електрична енергија произведена од фосилни горива како гас.

Доколку на британските домаќинства и малку им олесни по одлуката на претходната влада во 2023 година, да не го воведе предложениот надоместот за хидроген во износ од 118 фунти (околу 140 евра) годишно, новат влада сега навестува воведување на нов надомест за заробување на јагленорот во износ од околу 20 фунти (24 евра) годишно кој ќе треба да се плаќа во наредните 25 години за развојот на овие нови, но досега непроверени технологии.

Цена по MWh на нови проекти за производство на електрична енергија во Британија пуштени во употреба за 2025 година

Веројатно последователните планови за декарбонизација на Велика Британија, жителите и домаќинствата во земјата полесно ќе ги поднесат доколку се уште не ги чуствуваат и плаќаат последиците од светската финасиска криза од 2008 година.  Така во 2023 година Би-Би-Си, повикувајќи се на истражувањето на „Резолушен фондејшен“, упатива на фактот дека 15  годишното опаѓање на платите во земјата ги има оставено британските работници, особено оние со ниски и средни примања, околу 11.000 фунти (околу 13.090 евра) годишно, во полоша состојба во споредба доколку претходните трендови продолжеле.  Дополнително, во истот период од 15 години разликата помеѓу приоходите на домаќинставата во Велика Британија и Германија се зголемила од 500 фунти (околу 695 евра) на 4.000 фунти (околу 4.760 евра) годишно.  Оттука не е ниту за чудење дека британците веќе повеќе години наназад се соочуваат со криза на животноте трошоци.

НЕЛОГИЧНОСТИТЕ И ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ПАТОТ КОН ОБНОВЛИВА ИДНИНА

Горенаведеново веројатно укажува не само на дел од нелогичностите и предзивиците на патот кон обновлива иднина и напуштање на фосилините горива, туку и на потребата од обмислена и координирана акција каде потребната инфраструктура ќе биде соодветно развиена и достапна за да ги прифати новите производни капацитеи.  Се разбира колку ќе биде тежок и поднослив овој пат во голема мерка ќе зависи и од одлуките на претходните и идните влади, со оглед дека цената секогаш ја плаќаат даночните обврзници, а за повеќето од нив, реалните примања континуирано се намалуваат во изминатите години.  Како што вели поговорката „Патот до пеколот е пополчен со добри намери“!

Литература:

  1. https://www.bbc.co.uk/news/business-64970708
  2. https://www.carbonbrief.org/analysis-uks-electricity-was-cleanest-ever-in-2024/
  3. https://www.carbonbrief.org/uk-autumn-budget-2024-key-climate-and-energy-announcements/
  4. https://www.gov.uk/government/news/record-breaking-funding-for-clean-energy-in-britain
  5. https://www.gov.uk/government/publications/benefit-and-pension-rates-2024-to-2025/benefit-and-pension-rates-2024-to-2025
  6. https://www.gov.uk/government/publications/climate-change-levy-ccl-rates-from-1-april-2024/climate-change-levy-changes-to-rates-from-1-april-2024
  7. https://www.gov.uk/government/publications/the-national-minimum-wage-in-2024/the-national-minimum-wage-in-2024
  8. https://www.gov.uk/winter-fuel-payment
  9. https://www.minimumincome.org.uk/results/
  10. https://www.ofgem.gov.uk/energy-price-cap
  11. https://www.pagerpower.com/news/the-cost-of-electricity-generation-methods/
  12. https://www.scotsman.com/news/opinion/columnists/windfarms-constraint-payments-ps920-million-fuel-poverty-4761558
  13. https://www.telegraph.co.uk/business/2024/12/16/billpayers-face-520-levy-fund-miliband-carbon-capture/

Испрати коментар

Scroll To Top