Насловна / Вести / Писмо до градоначалничката од Даница Павловска – Циги по повод изготвување на ГУП

Писмо до градоначалничката од Даница Павловска – Циги по повод изготвување на ГУП

Во целост ви го пренесуваме отвореното писмо на архитект Даница Павловска, урбанист, просторен планер, урбан аналитичар, консултант упатено до новоизбраната градоначалничка Данела Арсовска во однос на актуелниот момент на изготвувањето на врвниот стратешки документ на просторниот развој на Градот Скопје – Генералниот урбанистички план  (ГУП)

ггг_resize

До

ГРАДОНАЧАЛНИК НА ГРАД СКОПЈЕ

Г-ѓа  Данела Арсовска

Кабинет на Градоначалник

Ул. „Илинденска“ 82, Градски парк

С К О П Ј Е

Почитувана г-ѓа Арсовска,

Денес, неопходноста од целосна интеграција на граѓанинот во општествените текови впишани во правни, просторни и стопански координати, се смета за неодминлива коњуктура и една позитивна врамковност. Од друга страна, очигледната бавност во делувањето и настојувањата посилно и побрзо да се влијае на системот на локалното управување, на неговото созревање со економската рационалност, обесхрабрува. Тоа би била генерална мотивација за ова обраќање до Вас како Градоначалничка на Град Скопје.

Предвиденото Партиципативно тело од областа на урбанизмот при општините не е случајно, туку е релевантен репрезент  на граѓанската волја во процесите на планирањето  на просторот, тоа е форма на претставничката демократија која може независно влијае на Вашата политичка акција. Впрочем, тоа постои заради обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање. Изостреното препознавање на приоритетите или внесување на граѓанска креативност  во профилирањето на политиките ќе создаде позитивна повратна спрега помегу Вас и граѓаните.

Актуелниот момент на изготвувањето на врвниот стратешки документ на просторниот развој на Градот Скопје – Генералниот урбанистички план  (ГУП) е зафатен со значајни случувања на животната стварност на градот. Тоа само ја подвлекува неопходноста од забрзувањето на оформување на бази на податоци, алатки, инструменти и механизми за овој процес и секако, официјализирање на соработката со сите негови чинители. Програмската задача за новиот ГУП како комплексен и афирмативен проект не смее да се изготвува без вградени интереси на граѓаните на ниво на нивниот животен просторен нуклеус, маало, населба, заедница, општина… Истовремено, јасно е дека ГУП-от е документ од економска категорија и станува одредница за идното живеење на градот во целина, за неговото пулсирање низ здрав сообраќаен систем, за културолошката трансформацијаа во нов временски контекст, за некои нови урбани парадигми итн…

Во недостаток на (тематско) министерство за урбанизам во хиераријската поставеност на нашата управа, се смета дека е пожелно да се воспостави професионален планерски субјект – формација (институт) во Вашиот тим како одговорен советодавен конструкт. На тој начин ќе се води (високо) стручен дијалог во функција на Вашите политики, во изнаоѓање на компромисни решенија, но секако и за општо јавно добро.

Со почит,

Архитект Даница Павловска

-урбанист, просторен планер, урбан аналитичар, консултант-

цц_resize

Испрати коментар

Scroll To Top