Во 1932 година, познатиот унгарски фотограф Брасаи, кого Хенри Милер го нарекувал „окото на Париз“, требал да ги фотографира скулптурите на Пикасо, кои во тоа време биле практично непознати, за првото издание на пионерската надреалистичка уметничка ревија Minotaure, уредена од Андре Бретон. Пикасо само што наполнил педесет години. Додека тој веќе бил етаблиран уметник, тој сè уште бил на работ да постигне светско признание.
Но, кога Брасаи пристигнал во 23 Rue La Boétie и влгол во студиото на Пикасо, тој брзо сфатил дека покрај неговата скромна фотографска задача постои многу поголема награда – покана во приватниот свет на Пикасо и интимен поглед во неговиот единствен ум. По секоја сесија, Брасаи се враќал дома и внимателно ги запишувал своите разговори со Пикасо на парчиња хартија, кои потоа ги ставал во огромна вазна – не со намера да ги објавува во иднина, туку затоа што имал интуиција дека мислите на Пикасо за животот и уметноста би можеле да имаат огромна вредност за идните генерации. Тоа траело триесет години, за кој временски период тие двајца се запознавале – интелектуално, креативно, духовно – додека заедно истражувале теми како што се егото, креативниот процес, улогата на романтичната вљубеност во уметноста и цел универзум на други.
Еден од овие разговори се случил на 3 мај 1944 година. Иако Брасаи дотогаш бил успешен комерцијален фотограф – што било репутација што му помогнала да влезе во животот на Пикасо – тој се обидел во цртање дваесет години порано и му покажал на Пикасо некои од своите рани дела. Пикасо го изразил своето воодушевување од дарот на Брасаи за цртање и инсистирал дека мора да има изложба, па почнал да го испрашува фотографот зошто го фрлил моливот. И покрај фотографскиот успех на Брасаи, Пикасо дигањето раце од било каков талент – во овој случај, цртање – го сметал за креативен кукавичлук, компромис, предавство на самиот себе без реализирање. Му го кажал на Брасаи своето размислување и никогаш не го „гризнал за јазикот“. Иако никој не ги побарал, неговите зборови се безвременски совети за сите млади уметници за тоа колку е важно да се истрае и да има верба во сопствената цел.
„Кога имате нешто да кажете, да изразите, секоја покорност станува неподнослива на долг рок. Човек мора да има храброст за својот повик и храброст да живее од тој повик. ‘Втора кариера’ е илузија. И јас честопати бев без скршена пара и секогаш се спротивставував на секое искушение да заработам за живот од нешто друго освен од моите слики… На почетокот не ги продавав скапо, но ги продавав. Моите цртежи, моите платна се продадени. Тоа е она што се брои.“
Кога Брасаи му се спротиставил, велејќи дека малку уметници се доволно надарени за да бидат успешни и цитирал нешто што Матис еднаш му рекол – „Треба да бидете посилни од своите дарови за да ги заштитите“. – Пикасо се спротивставувал со тоа што го отфрлал митот дека „уметноста страда оној моментот кога луѓето ќе почнат да даваат пари за неа“. За разлика од оние кои тврдат дека комерцијалниот успех е непријател на креативниот интегритет, Пикасо имал слух за слоевитата, дисонантна природа на овој проблем. Кршливоста на креативниот импулс ја сфаќал како слуга на човечкото его – его кое расте, на наш ужас и внатрешен немир, од константна позитивна афирмација. Пикасо му велел на Брасаи: „Па, успехот е важна работа! Често се вели дека уметникот треба да работи за себе, за ‘љубовта кон уметноста’, дека треба да има презир кон успехот. Лага! На уметникот му е потребен успех. И не само да живее од него, туку особено за да ги создава своите дела. Дури и богат сликар мора да има успех. Малкумина разбираат нешто за уметноста и не секој има чувство за сликарство. Повеќето луѓе за светот на уметноста судат според успехот. Зошто тогаш да им го оставиме успехот на ‘најпродаваните сликари’? Секоја генерација има свои. Но, каде пишува дека успехот секогаш мора да оди кај оние кои живеат според вкусот на јавноста? Што се однесува до мене, сакав да докажам дека можеш да имаш успех наспроти се, без компромиси. Знаете што? Успехот што го постигнав кога бев млад стана мојот заштитен ѕид. Сината фаза, розовата фаза, тоа беа заклоните што ме штитеа“.
Пикасо го пренесува ова уверување за неправење компромиси од идеолошки на прагматичен терен, додека на Брасаи му давал неколку практични совети за продажба на цртежите: „Не им ставај превисока цена. Она што е важно е да се продадат во голем број. Вашите цртежи мора да излезат во свет“.
Разговорите со Пикасо се апсолутно богатство, а нивната брилијантност е забележана од Хенри Милер: „На некој необјаснив начин ми се чини дека духот што го анимира Пикасо никогаш не може целосно да биде објасниет со неговите дела, колку и да се чудесни. Не дека ја негирам големината на неговите дела, но човекот е, и ќе остане, далеку поголем од се или од се што ќе постигне со своите раце. Тој е многу повеќе од сликар, скулптор или што и да избере да биде во својот живот. Тој е огромен, човечки феномен“.
„Инспирацијата е за аматери – ние останатите само се појавуваме и почнуваме да работиме“, незаборавно се потсмевал сликарот Чак Клоуз. Легендарниот композитор Петар Илич Чајковски се изразил на сличен начин во писмото до својот добротвор во 1878 година: „Уметникот кој се почитува себеси не смее да ги крева рацете под изговор дека не е расположен. Навистина, оваа идеја дека креативноста и плодните идеи не доаѓаат од пасивната резигнација на музите, туку од активната примена на работната етика – или дисциплина, за што покојниот и голем Масимо Вињели говорел дека е двигател на креативната работа – нешто што голем број светли примери образложувале низ вековите, заедно со паралелно испитување од каде доаѓаат идеите“.
Кога Брасаи го прашува Пикасо дали добива идеи „случајно или пресметано“, сликарот уфрла мудрост за тиранијата на „креативната блокада“ и одговара: „Немам идеја. Идеите се едноставно појдовни точки. Ретко можам да ги забележан како што ми паѓаат на памет. Штом почнам да работам, други почнуваат да ми навираат. За да знаете што ќе насликате, морате да почнете да сликате… Кога ќе се најдам пред празно платно, тоа е она што секогаш ми минува низ глава. Она што го забележувам покрај себе ме интересира повеќе отколку моите сопствени идеи.“
За дополнително да ја илустрира оваа идеја дека најдобрата креативна работа се случува кога рационалниот, саморегулирачки ум ќе се тргне од патот на интуитивните склоности, Пикасо нуди илустративен пример. И покрај тоа што е и обожавател и личен пријател на Матис, тој го наведува злогласниот метод на сликарот во креативниот процес како предавство на идејата дека уметникот треба да ја почитува својата оригинална креативна интуиција: „Матис прави цртеж и потоа го копира. Го копира пет пати, десет пати, секој пат со се почисти линии. Тој е убеден дека последниот цртеж, најоскудниот, е најдобар, најчист, финален; а всушност, тоа е обично првиот. Кога станува збор за цртање, ништо не е подобро од првата скица“.