Во музејот „Гран Пале“ во Париз, отворена е изложба посветена на големиот шпански и светски уметник Пабло Пикасо (1881-1973).
Со наслов Picasso.mania, поставката го „конфронтира“ славниот уметник со познатите сликари коишто тој со својата уметност ги инспирирал.
Првиот дел од изложбата ја претставува фигурата и личноста на уметникот како тема, вклучувајќи го и автопортретот на Пикасо од неговиот „син период“.
Потоа следи дел за визуелните уметнички револуции, како што бил кубизмот, и на крајот дел во кој се претставени „траги“ од политичкиот ангажман на Пикасо.
„Веќе со 20 години тој бил познат, а со 90 години тој се уште работел по една слика на ден, така што „пикасоманијата“ трае и натаму. Во текот на 70 години од неговата кариера, направил илјадници дела и создал мноштво на стилови“, истакнале авторите на изложбата.
„Без разлика дали го сакате или не, Пикасо е невозможно да се избегне. Фасцинантно е како повеќето уметници го користеле за да се најдат себеси“, изјавила на изложбата Дијана, правнуката на Пикасо, за француската телевизија „Франс 3“.
Изложбата ќе биде отворена до 29 февруари 2016 година.