Насловна / Арт и дизајн / Пикасо: Генијалецот кој ги „уништувал“ жените

Пикасо: Генијалецот кој ги „уништувал“ жените

Со бројни манифестации во текот на 2023 година ширум светот ќе биде одбележана 50-годишнината од смртта на прочуениот шпански уметник Пабло Пикасо. Од уметнички гениј до токсична машкост, ова е поглед на неговото наследство.

п4

За седум децении плодна работа, Пабло Пикасо создал илјадници слики и скулптури во многу авангардни стилови. Се вбројува меѓу најуспешните светски уметници, а вредноста на неговите дела се проценува на стотици милиони долари.

Сликата на Пикасо „Жена која седи покрај прозорец“ беше продадена од аукциската куќа Кристис за 103 милиони долари пред една и пол година во Њујорк. Оваа нова година се одбележува педесетгодишнината од смртта на познатиот уметник. Специјални изложби под мотото „Picasso Celebration 1973-2023 “ ќе бидат одржани во неговата татковина Шпанија, во Франција, Германија, САД и на други места.

п5

Иако неговиот уметнички гениј е непогрешлив, познавачите на неговиот живот и дела се почесто разговараат за наводната мизогинија, односно за дискриминаторскиот однос кон жената. Тоа е дебата која започна со движењето #MeToo.

Сликарско чудо

Пикасо е роден на 25 октомври 1881 година во Малага, на југот на Шпанија.

Неговиот татко бил уметник и заработувал со сликање птици и животни и како професор по уметност. Токму тој почнал да го учи својот син да црта кога Пабло имал седум години.

На 13-годишна возраст, Пикасо ги започнал студиите во уметничко училиште во Барселона каде што предавал и неговиот татко, а две години подоцна ја создал својата прва слика со голем формат, масло на платно наречено „Првото причестување“, која била изложена на градска изложба. Токму оваа слика се смета за негово прво ремек дело.

Од 1897 година ги продолжил студиите на Кралската уметничка академија во Мадрид. Но, Пикасо претпочитал да ги проучува уметничките дела изложени во познатиот музеј Прадо, каде што го фокусирал своето внимание на сликите на Веласкез, Рембрант, Вермер и Гоја. На почетокот на новиот век Пикасо се преселил во Париз.

п1

Уметнички фази

Уметничкиот живот на Пикасо може да се подели во многу фази. Неговиот прв творечки период, познат како сина фаза, траел од 1901 до 1904 година, поттикнат од самоубиството на неговиот пријател, шпанскиот поет Карлес Касагемас. Првата слика од тој период, „Смртта на Касагемас“ (1901) ја открива мрачната атмосфера и сините нијанси што ја карактеризираат.

Потоа уследила розовата фаза (1904-1906), во тек на која сликите на Пикасо се карактеризирале со нијанси на розова, светло сина и портокалова боја. Тогаш е создаден  и „Портретот на Гертруда Штајн“, набрзо откако сликарот ја запознал американската писателка и колекционерка на уметнички дела.

Оваа фаза се смета за посреќен период во животот на уметникот, кога ја запознал Фернанда Оливие, француска уметница, која подоцна станала негова муза и љубовница.

Влегување во кубизам

Со контраверзното дело „Госпоѓиците од Авињон“ создадено помеѓу 1906 и следната година, Пикасо стекнал светска слава како лидер на современата уметничка сцена. Бизарна дисторзија на контурите на женското тело ги разбила сите дотогашни поимања за сликарската перспектива. Оваа слика се смета за пионерско дело на кубизмот.

pp

Заедно со Брак, Пикасо во наредните години ќе го развие кубизмот. Во неговите дела создадени во тој период се вбројуваат „Девојка со мандолина“ (1910) и „Мртва природа со шише рум“ (1911).

Во најпознатите дела на Пикасо секако се вбројува и познатата „Герника“ (1937), слика која стана синоним за антивоена експресија. Создадена е како реакција на фашистичкото бомбардирање на истоимениот баскиски град во северна Шпанија, кое го наредил генералот Франко.

Поради употребата на кубистички елементи, „Герника“ го претставува и придвижувањето на Пикасо кон надреализмот.

п3

Токсичната машкост“ на Пикасо

Во текот на изминатите години, а особено по појавата на движењето #MeToo, ставовите на Пикасо кон неговите љубовници се најдоа под лупа.

Уметничките аналитичари, како што е Шенон Ли од списанието Artspace, веруваат дека односот на Пикасо кон жените треба да се забележи во неговата работа: „И самиот Пикасо забележал дека целиот негов опус може да се категоризира во седум различни стилови, од кои секој е документ за неговиот однос со седум жени во неговиот живот“.

п2

Како што пишува Ли, Пикасо „го направил животот крајно мизерен на речиси секоја од тие жени за кои тврдел дека ги сака“.

Ли исто така се осврнува и на делото на внуката на Пикасо, Марина, која напишала книга за својот дедо, каде што пишува за односот кон жените: „Тој ги потчини на својата анимална сексуалност, ги скроти, ги маѓепса, ги проголта и ги здроби на своите платна. Откако ќе поминеше многу ноќи извлекувајќи ја есенцијата од нив, кога целосно ќе ги уништеше, тој ги отфрлаше“.

Самиот Пикасо се претставувал себе во своите дела како лик на митскиот Минотаур; чии музи биле жртви на неговата бестијална агресија.

„Искрено, деновиве е прилично тешко да се сочувствува со личност која црта митолошки верзии за себе како „ѕвер“ кој буквално напаствува жени во безброј прилики“, пишува Ли во авторски текст објавен во Artspace, Франсоа Гијо, уметница која се вљубила во Пикасо се смета за исклучок.

p0

Таа на славниот сликар му родила две деца, а важи за единствената жена која го напуштила Пикасо.

На 81-годишна возраст, Пикасо повторно се оженил со Жаклин Рок, која била дури 46 години помлада од него. Тие живееле заедно до неговата смрт. Набргу потоа извршила самоубиство.

Последните години на Пикасо

Последните години од неговиот живот се карактеризираат со фуриозна уметничка активност и експресија на опседнатост со еротиката. Во 1966 година на изложбата на слики и скулптури на уметникот претставено е делото „Пар“ кое прикажува маж и жена во прегратка, и тоа е неговото најзначајно дело кое ја обработува темата на љубовта и сексуалноста.

Три години подоцна, изложбата на Пикасо во Париз предизвикала скандал поради еротиката на сликите и нивниот огромен формат.

Се чинело дека до 1972 година, уметникот се подготвува за смрт: тогаш е создадена серија портрети со неговата глава заменета со маска, која понекогаш попримала изглед на череп и вкрстени коски.

Пикасо почина на 8 април 1973 година во Мужин во близина на Кан.

Испрати коментар

Scroll To Top