Дека дизајнот на ентериери и гастрономијата се две креативни дисциплини покажува и проектот на Zabriskie за вториот ресторан на брендот Мајстор и Маргарита на нова адреса во Брлград.
Станува збор за домашен бренд кој веќе е широко прифатен од љубителите на пица, но и од критичарите, кои ја вброија оваа пицерија во Топ 50 пицерии во Европа – и тоа трет пат по ред.
Идејата за семејно дружење на архитектите им послужила како почетна точка за дизајнот на ентериерот на една од најдобрите пицерии во Белград.
Суперфункционално
На почетокот, секогаш е важно да се разбере насоката во која сопственикот сака да го обликува својот ресторан. Во случајот со новата локација на пицеријата Мајтор и Маргарита, клиентот сакал да понуди опуштено искуство од живописните неаполски домови, каде пицата се споделува со семејството и пријателите.
„Искуството од работењето на овој проект ни покажа колку е важно да се дизајнира просторот околу менито, наместо менито да се надоврзува на просторот“, велат архитектите од бирото Zabriskie и додаваат: „Просторот треба да ја раскажува приказната за брендот, исто како и менито, затоа е важно тоа да биде највистинскиот израз на ресторанот“.
За да се искористи локалот со галерија, создадени се суперфункционални зони. „Во централниот дел на просторот како (знак за добредојде) има голема маса, за да ве покани да споделите парче пица со вашите пријатели, под маслиново дрво со вашиот омилен пијалок“, велат проектантите и продолжуваат: „Како љубители на пица, обично размислуваме за неколку нејзини елементи: крцкавата кора, преливот, толку многу одлични форми и комплементарни бои… Овие елементи се поедноставени, геометризирани и преточени во патерн на керамичките плочки на масите, на кои се надоврзува мурал на Моника Ланг“.
Пицата е брза храна, па архитектите бирале тонови кои создаваат динамична атмосфера. Неколку смели нијанси и енергични тонови ја одржуваат атмосферата жива, а сепак топла и оптимистичка.
Перфекцијата е досадна
Што се однесува до опремувањето, архитектите бирале помалку рафинирани парчиња мебел кои изгледаат ненаметливо во овој амбиент, а поддржуваат опуштена атмосфера.
Архитектите сметале дека осветлувањето е особено важно во рестораните. Визуелниот контакт со храната е исто така дел од гастрономското искуство.
Во случајот на пицеријата Мајстор и Маргарита, користени се ненаметливи елементи на плафонско и ѕидно осветлување, заедно со внимателно одбрани парчиња столни ламби.
Гостите не ги посетуваат рестораните само за да јадат и заминат, туку и за да избегнат готвење дома. Покрај тоа, тие доаѓаат да се дружат, да прославуваат посебни прилики и затоа добро дизајниран тоалет секогаш потврдува дека сопственикот се грижи за целокупното искуство на гостинот.
Дизајнот на тоалетот се заснова на елементи кои лесно се чистат и одржуваат, изгледаат чисто и модерно, трајни се и можат да издржат редовна употреба.
Низ светот пицериите се еден од најпопуларните типови ресторани, кои привлекуваат голем број гости и туристи. Нивниот концепт обично се заснова на традиционален италијански рецепт кој подлежи на широк спектар на варијации и толкувања.
Тоа значи дека сопствениците на пицерии се соочуваат со голема конкуренција и за нив е многу важно да најдат начини да се издвојат од конкуренцијата.
Квалитетот на храната и услугата е очигледен начин, додека вториот дел од таа формула се однесува на пријатната атмосфера и дизајн, што го потврдува и новиот локал на пицеријата Мајстор и Маргарита.